Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 2500 денари

Codex Alimentarius

Codex Alimentarius е збир на меѓународно признаени стандарди, правила на постапување, насоки и други препораки поврзани со храната, производството на храна и безбедност на храната со цел заштита на потрошувачите.

Овие стандарди се развиваат и одржуваат од страна на Комисијата на Кодекс Алиментариус (Codex Alimentarius Commission), тело основано во ноември 1961 година од страна на ФАО (Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации). Кон овој проект подоцна се приклучи и Светската здравствена организација (СЗО).

Главните цели на Комисијата на Кодекс Алиментариус се заштита на потрошувачите, како и обезбедување фер практики во меѓународната трговија со храна.

Codex Alimentarius е признаен од страна на Светска трговска организација (СТО) како меѓународна референтна точка за решавање спорови кои се однесуваат на безбедност на храната и заштитата на потрошувачите. Освен стандардите за одредени видови храни, Codex Alimentarius содржи општи стандарди кои ги опфаќаат прашањата како означување на храна, хигиена на храна, додатоци во исхрана, резидуи од пестициди, итн.

Во исто време, Codex Alimentarius содржи и насоки за увоз и извоз, како и инспекција и сертификација на системите за храна.

Агенцијата за храна и ветеринарство, како контакт точка за Codex Alimentarius аплицираше на отворениот повик за поддршка од FAO/WHO Codex Trust Fund (Round 2). Апликацијата беше верификувана од повеќе институции вклучени во Codex Alimentarius од областа на безбедност на храната, помеѓу кои и Институт за јавно здравје на Република Северна Македонија, Канцеларијата на СЗО во Република Северна Македонија, претставникот на FAO за Република Северна Македонија.

Проектот ќе биде насочен кон зајакнување на капацитетите за воспоставување на оперативна национална Кодекс структура, и ефикасно вклучување на Република Северна Македонија во Кодекс системот, со активно учество во работата на Кодекс, како рамноправна членка.
 

Кодекс алиментариус соопштенија

До крајот на 2020 година, Агенцијата за храна и ветеринарство треба да го заврши процесот на категоризација на одгледувалиштата на молзни крави и унапредувањето на производството и квалитетот на суровото млеко согласно европските стандарди за бројот на микроорганизми и соматски клетки во милилитар сурово млеко.
Почнувајќи од денес во наредниве две недели, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе биде домаќин на Регионалната обука за опциите за управување при справување со радиолошки и нуклеарни кризи во системите за производство на животните. На обуката учествуваат четириесеттина претставници од 16 земји меѓу кои од Албанија, Азејбеџан, Бугарија, Грузија, Унгарија, Португалија, соседна Србија, Словенија и други држави.
Согласно законските обврски за континуирана едукација пропишани во Законот за ветеринарно здравство и Законот за безбедност на храната, но и обврските кои произлегуваат од учеството на програмата “Подобра обука за побезбедна храна” под покровителство Европската комисија, во периодот 19 до 22 ноември 2018 година во Струмица, Агенцијата за храна и ветеринарство одржува прва во низата интерни обуки за пренесување на знаењето и искуствата стекнати за време на меѓународни обуки.
Европската агенција за безбедност на храна преку својата мрежа на фокални точки проследи информација за објавен научен извештај “Болест на чвореста кожа: научна и техничка поддршка при спроведување на активности за контрола и надзор на болеста”.
Европската агенција за безбедност на храна во соработка со Европскиот центар за превенција и контрола на болести објавија заеднички извештај со брза проценка во однос на појавата на Listeria monocytogenes тип 8 во повеќе земји на Европската унија, поврзана со консумирање на производи од лосос.
Од 12 до 16 ноември се спроведува кампања за одбележување на Светската недела за подигнување на свеста за употреба на антибиотици (World Antibiotic Awareness Week). Целта на оваа кампања е да се подигне свеста во однос на ризиците по здравјето на луѓето и животните предизвикани од отпорноста кон антибиотици и да се промовираат добрите практики, но ида се ограничи појавата и ширењето на отпорни бактерии на глобално ниво.
Агенцијата за храна и ветеринарство донесе Решение за спроведување на заштитни мерки – попис и идентификација на приемчиви животни на болеста Африканска чума кај свињите, со што ги прошири превентивните мерки за спречување на појава и ширење на оваа болест. Согласно решението, пописот ќе го спроведат ветеринарните друштва кои со Агенцијата имаат потпишано договор за реализација на активности од јавен интерес, почнувајќи од 8 ноември и истиот ќе заврши на 31 декември годинава.
Директорот на Агенција за храна и ветеринарство Зоран Атанасов и триесеттина вработени во Агенцијата, денес со доброволно дарување крв ја потврдија својата хуманост и беа дел од крводарителната акција која се одржа во Агенцијата за храна и ветеринарство. Акцијата се реализира во организација на Црвениот крст на општина Центар и Заводот за трансфузициона медицина.
Под покровителство на Глобалната рамка за прогресивна контрола на прекугранични болести кај животните (GF-TADs), вчера и денес во Охрид, Агенцијата за храна и ветеринарство беше домаќин на Седмиот состанок на Постојана експертска работна група на југоисточна Европа за болеста на Чвореста кожа. На состанокот присуствува високи претставници од Европската комисија, од Генералниот директорат на ЕК за здравје и безбедност на храна, претставници од Светска организација за здравствена заштита на животните, Европска агенција за безбедност на храна, како и високи претставници од Организацијата за земјоделство и храна на Обединетите нации – ФАО, EU FMD, Европската референтна лабораторија, како и претставници од Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје, во својство на Национална референтна лабораторија за болеста на Чвореста кожа.
Утре завршува реализацијата на есенската кампања на Агенцијата за храна и ветеринарство за орална вакцинација на лисците против беснило. Акцијата почна на 11 октомври од спортските аеродроми во Скопје и Штип. Во оваа кампања, заклучно со петок, авионски ќе бидат фрлени 500 илјади вакцинални мамки на целата територија на Република Северна Македонија, со исклучок на населените места, водените површини и високите планински врвови. Тринаесеттата вакцинација на лисиците против беснило Агенцијата ја реализира со финансиска поддршка од Европската унија.