
Директорот на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) д-р Оливер Миланов и претставници од АХВ, вчера одржа работен состанок со д-р Аким Али, претставник на Светска здравствена организација (СЗО) во Македонија.
На состанокот се разговараше за започнување на процесот на развој на предлози за апликации за приклучување на Агенцијата во идниот регионален проект на Светска банка за засилување на капацитетите на државите за превенција, подготвеност и одговор на појава на опасни заразни болести со посебно акцент на контрола и надзор на заразните болести кај луѓето и болестите кај животните (зоонози).
Во развојот на предлог проектот ќе бидат вклучени и институции од областа на здравството а ќе се реализира со средства од Фондот за пандемии на Светска банка. Фондот има за цел финансирање на инвестиции за засилување на капацитетите на државите за превенција, подготвеност и одговор на појава на опасни заразни болести на национално, регионално и глобално ниво.
На состанокот беше истакнато дека средбата е од суштинско значење и е во насока на обезбедување на соодветна поддршка и усогласеност на активностите со приоритетите на СЗО и Светската банка и зајакнување на мултисекторскиот пристап „Едно здравје“.

АХВ изрази подготвеност да се приклучи и подготви апликација за новиот регионален проект кој ќе се реализира со поддршка на Светската здравствена организација и Светска банка. Македонија, Косово и Албанија го потврдија своето учество во предлогот за новиот регионален проект за повеќе земји кон кој се очекува да се приклучат и другите држави од регионот.
Предлогот за проектот се фокусира на основните национални приоритети, вклучувајќи интегриран пристап на контрола и надзор на заразните болести кај луѓето и животните (зоонози), антимикробна отпорност (AMR), лабораториски системи и развој на работна сила.
Ќе се примени мултисекторскиот пристап „Едно здравје“, со активно вклучување на ветеринарството и другите релевантни сектори, во согласност со приоритетите на Светска банка.
Пандемиски фонд е прв мултилатерален механизам за финансирање, посветен исклучиво на зајакнување на клучните капацитети и способности за превенција, подготвеност и одговор при пандемии во земјите со ниски и средни приходи, преку инвестиции и техничка поддршка на национално, регионално и глобално ниво.