Обезбедување и ефективно усогласување на Регулативата (ЕУ) бр. 609/2013 за храна наменета за доенчиња и мали деца, храна за специјални медицински цели и целосна замена на диетата (исхраната) за контрола на телесната тежина, во нов национален правилник, е цел на експертската мисија која со посредство на инструментот за претпристапна помош на Европската Комисија – TAIEX, се одржа за потребите на Секторот за храна од неживотинско потекло и членовите на Комисија за посебни видови храна при Агенцијата за храна и ветеринарство од 26 до 28 февруари.
Експерти од ЕУ се осврнаа на новиот концепт за храна за конкретни групи потрошувачи, како што се доенчињата, малите деца, оние кои користат храна за посебна медицинска намена, со цел преку пренесување на искуства и презентирање на основите на европската регулатива во оваа област, во земјава доследно да се применуваат европските правила и да се олесни трговијата со оваа категорија производи. Цел на оваа експертска мисија е и подобрување на постапката за авторизација за ставање во промет на храна за посебните групи потрошувачи.