Од 17 до 20 декември 2018 година, Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Северна Македонија го спроведува вториот циклус обуки за дисеминација на знаењето и вештините стекнати за време на меѓународни обуки. На обуките ќе се обработат теми кои се однесуваат на хигиена на храна при примарно производство, проценка на ризик, хигиена на храна и флексибилност и информации поврзани со храна.
Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Северна Македонија е институција корисник на специјализирани обуки “Подобра обука за побезбедна храна” кои ги организира Европската комисија во областа на безбедност на храната и ветеринарната политика. Согласно обврските од договорот со ЕК, Агенцијата има обврска знаењето и вештините стекнати на овој тип обуки да го пренесат на национално ниво.
Врз основа на оваа обврска, Агенцијата за храна и ветеринарство ја надгради својата Стратегија за обуки на вработените која е донесена во 2012 година, и во истата е вклучена алатка за интерна дисеминација на знаењата со цел зајакнување на капацитетите на централно и на ниво на инспекциските служби, како и унапредување на системите за безбедност на храната и храната за животни.