Астмата е болест која се карактеризира со епизодна опструкција на дишните патишта и хиперреактивност на дишните патишта обично придружена со воспаление на дишните патишта . Во повеќето случаи, опструкцијата на дишните патишта е реверзибилна, но кај некои астматичари, опструкцијата останува иреверзибилна. Кај голем дел од пациентите воспалението на дишните патишта е еозинофилно. Астмата најчесто се манифестира како епизодно отежнато дишење (диспнеа), отежнато дишење и кашлица, провоцирани со тригери, но симптомите можат да се јават и спонтано. Овие симптоми може да се појават изолирано или комбинирано. Други симптоми се стегачка болка во градниот кош и/или производство на слуз. Овие симптоми може да се решат спонтано или со терапија. Кај некои пациенти, отежнато дишење и/или диспнеата може да биде постојана. Епизоди на акутен бронхоспазам, познати како егзацербации, може да бидат толку сериозни за да бараат итна интервенција и медицинска нега или хоспитализација и може да резултираат со смрт.
Сеопфатниот тераписки пристап вклучува избегнување и намалување на предизвикувачите на астма и, доколку е потребно, дополнителна употреба на лекови. Лековите за астма првенствено се поделени на оние кои ги релаксираат мазните мускули и доведуваат до прилично брзо олеснување на акутната симптоматологија и оние кои се насочени кон воспалението или производството на медијатори . Првите лекови најчесто се нарекуваат лекови за олеснување на симптомите, а вторите за контролирање на симптомите.
Улогата на диететските фактори во настанокот на астмата е сеуште нејасен. Опсервациски студии докажале дека диети сиромашни со антиоксиданси како витамин Ц, витамин А, магнезиум, селен и омега-3-полинезаситени масни киселини (рибино масло) или диети во коишто се застапени во висока количина натриум и омега-6-полинезаситени масни киселини. Дефициенција на витамин Д може да предиспонира настанок на астма. Од друга страна дебелината се поврзува со зголемен ризик од настанок на астма, особено кај женскиот пол.
Пациентите со аспирин-сензитивна астма може да имаат корист од диета без салицилати. Одредени адитиви во храната се тригери за јавување на симптомите на астмата.
Во овој документ наведена е медикаментозната терапија за астма во кратки црти со скалестиот пристап за лекување, како и диетата односно храната која се препорачува и храната која треба да ја избегнуваат астматичарите. Дополнително наведени се препорачаните дневни дози на витамин А и Д (различни референтни дози) со нутритивните листи за цел спектар на прехранбени производи.
Овој документ од научно-информативен карактер што се занимава со диететски и фармакотераписки пристап во третман на астмата е научно систематизиран, стручно преведен, обработен и адаптиран од страна на Д-р Виктор АРСОВ, дипломиран доктор по медицина, специјалист интернист, експерт за здравствена проценка на ризик поврзана со опасности во храната, нутриција, диететски производи и алергии, помлад соработник за логистика за информации за здравствена проценка на ризик поврзани со опасности во храната, со 18 годишно работно и професионално искуство во Секторот за проценка и комуникација на ризик (СПКР).