Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 600 денари

Директорот на АХВ одржа работен состанок со претставници на млечниот сектор

17.07.2026
Насловна слика

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, д-р Оливер Миланов, одржа работен состанок со директорката на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Даниела Иротова, претставници на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), како и со претставници на млекопроизводителите и млекопреработувачите од Република Северна Македонија.

На состанокот се разговараше за актуелната состојба во секторот за производство и увоз на млеко и млечни производи, како и за предизвиците со кои се соочуваат производителите и преработувачите.

Посебен акцент беше ставен на состојбата со откупот на суровото млеко во Делчево и источниот регион, каде што во изминатиот период се појавија проблеми кои предизвикаа застој во откупот и сериозни последици за млекопроизводителите. Учесниците на состанокот разговараа за причините за настанатата состојба и за можните мерки за нејзино надминување, при што беше нагласена потребата од координирана активност на сите надлежни институции и засегнати страни за обезбедување континуиран откуп на суровото млеко, стабилизирање на пазарот и заштита на домашното производство. Дополнително, откупувачите на млеко заклучија дека во Македонија во моментот нема млечна криза, туку недостаток на суровина млеко. Во моментот има недостаток на квалитетно сурово млеко за производство на ферментирани производи од млеко и заради тоа се врши увоз на млеко во цистерни од соседството.

Во таа насока, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, д-р Оливер Миланов, информираше дека АХВ донесе Решение за воведување на посебни безбедносни мерки при увоз на млеко, производи од млеко, како и производи кои содржат згуснато млеко и млеко во прав. Со ова решение се засилуваат официјалните контроли при увозот преку задолжителни лабораториски испитувања и проверки на усогласеноста со барањата за квалитет, со цел на домашниот пазар да се пласираат исклучиво безбедни и квалитетни производи, да се обезбеди фер конкуренција и да се заштитат домашните производители и потрошувачите.

Слика

Претставниците на Агенцијата за храна и ветеринарство ги презентираа активностите што институцијата ги спроведува во рамки на официјалните контроли на храната, со посебен осврт на контролите поврзани со квалитетот и безбедноста на млекото и млечните производи што се пласираат на домашниот пазар. Беше истакнато дека инспекциските контроли се спроведуваат континуирано, согласно законските прописи, со цел обезбедување високо ниво на заштита на здравјето на потрошувачите и обезбедување фер услови за работа на сите оператори со храна.

Во фокусот на разговорите беа и предлог-измените и дополнувањата на Правилникот за барањата за квалитет на суровото млеко, стандардите за квалитет на конзумното млеко, млечните производи и употребата на нивните називи. Се разговараше и за квалитетот и активноста на стартер-културите, сирилата и другите специфични материи што се користат во производството на млечни производи, како и за начинот на нивната употреба, со цел усогласување на регулативата со современите производствени практики и европските стандарди.

Учесниците на состанокот ја истакнаа потребата од континуирана институционална соработка и редовен дијалог меѓу надлежните институции, млекопроизводителите и млекопреработувачите, со цел унапредување на квалитетот и конкурентноста на домашниот млечен сектор, обезбедување стабилни пазарни услови и заштита на интересите на потрошувачите.

На состанокот беше заклучено дека за надминување на актуелните предизвици во млечниот сектор е неопходна континуирана координација и партнерски пристап меѓу надлежните институции, млекопроизводителите и млекопреработувачите. Во таа насока, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе продолжи доследно да ги спроведува своите законски надлежности, да презема мерки за заштита на безбедноста и квалитетот на храната и активно да учествува во креирањето решенија кои ќе придонесат за стабилен и конкурентен млечен сектор, заштита на домашното производство и обезбедување безбедна и квалитетна храна за граѓаните.

Ознаки
Категорија