Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) со постер презентација за надлежностите на АХВ во областа на водите, учествуваше на првото издание на „Денови на реката Вардар 2025“– нова платформа за одржливо управување со водите. Платформата го обединува водниот сектор, институциите, експертите, младите професионалци и меѓународните партнери со единствена цел одржливо управување со најзначајниот воден ресурс во земјава – реката Вардар.
На настанот кој се одржа на 24 и 25 овој месец, а беше организиран од Програмата за управување, користење и заштита на подземните води (GWP), со поддршка на Владата на Швајцарија и надлежните министерства, учествуваа претставници на сите клучни институции од земјава и меѓународната заедница надлежни за управување со водите и претставници од Европската унија во земјава и дипломатските претставништва. Во рамки на настанот отворена и промовирана беше новата лабораторија на Хидрометеоролошкиот завод, која, како што беше истакнато, ќе придонесе за подобар мониторинг и анализи на водните ресурси.
Од страна на учесниците на дводневниот настан разменети беа идеи во насока на зајакнување на управувањето со реката Вардар и нејзиниот слив, а презентирани беа и европски директиви и национални проекти за управување со речни сливови. Во рамки на новата платформа образложени беа и европски проекти, меѓу кои и усогласувањето со Директивата за поплави, поддршката за реформите во водниот сектор и проектот за изградба на пречистителната станица за отпадни води во Скопје.
