
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги известува граѓаните дека како надлежна институција за регистрирање и одобрување на ветеринарна дејност, нема издадено одoбрение за вршење на услуга, ниту за регистрирање на ветеринарно друштво ТОТАЛ ЕКСПРЕС ВЕТ СКОПЈЕ, кое од профилот TOTAL Express на социјалната мрежа Фејсбук, промовира таканаречена ветеринарна итна помош.
Неодобрениот субјект преку оваа социјална мрежа се рекламира како платформа АЛО ВЕТЕРИНАР и приватна ветеринарна клиника која нуди 24 часовна ветеринарна итна помош, лекување и хируршки интервенции при животозагрозувачки ситуации за домашни миленици.
АХВ спроведе контрола по поднесена претставка од граѓанин и утврди дека субјект под ова име, не е одобрен од Агенцијата за храна и ветеринарство согласно Законот за ветеринарно здравство, по чии одредби ќе продолжи понтамошната постапка за овој случај.
АХВ апелира сопствениците на домашни миленици да не наседнуваат на реклами на социјалните мрежи, без да проверат дали и на кој одобрен од Агенцијата правен субјект ќе му го доверат животот и здравjето на сопствениот миленик.
