Во врска со шпекулациите објавени на социјалните мрежи дека на пазарот се продаваат небезбедни производи, Aгенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ја информира јавноста дека по добиената нотификација за увезени потенцијално небезбедни производи – говедска коцка за супа на производителот „Подравка“, серија 0507241, со рок на употреба до 05.07.2025 година и пилешка коцка за супа серија 0307241, со рок до 03.07.2025 година и спроведениот вонреден инспекциски надзор во магацин на компанијата увозник, утврдено е дека целокупното увезено количество од производите со посочените серии и рокови на употреба не е пуштено во промет, односно, потенцијално небезбедните производи се наоѓаат во магацинот на увозникот.
Станува збор за 2.400 парчиња говедска коцка за супа од по 120 грама увезени на 15.07.2024 година и исто количество пилешка коцка за супа увезени на 16.07.2024 година, сите со посочените серии и рокови во известувањето добиено во вторникот доцна попладне, преку Системот за брзо предупредување за небезбедна храна и храна за животни на ЕУ (RASFF – Window) со референтен број 2024.5845.
Инспектор за храна на АХВ по спроведениот вонреден надзор на операторот со храна му издаде забрана за пуштање во промет на наведените производи и нареди нивно нештетно уништување на депонија.