Со поддршка на проектот „Зајакнување на националната Кодекс структура во земјата“, Агенцијата за храна и ветеринарство воспостави оперативна Национална структура на Кодекс алиментариус (збир на меѓународно признаени стандарди, правила на постапување, насоки и други препораки поврзани со храната, производството на храна и безбедност на храната со цел заштита на потрошувачите). Овие стандарди се развиваат и одржуваат од страна на Комисијата на Кодекс Алиментариус (Codex Alimentarius Commission), тело основано во ноември 1961 година од страна на ФАО (Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации). Кон овој проект подоцна се приклучи и Светската здравствена организација (СЗО).
Приоритетите за 2021 година на Комисијата на Кодекс се однесуваат на регионот на Европа, а еден од фокусите е храната со посебни нутритивни вредности. Идната година активностите ќе се фокусираат и на работата во комитетите за контаминенти во храната, за остатоци од пестициди и инспекциски и сертификациски системи при увоз и извоз на храна.
Како национална контакт точка за Кодекс Алиментариус, проектот „Зајакнување на националната Кодекс структура во земјата“, Агенцијата го реализира со техничка поддршка на ФАО, Националната агенција за безбедност на храна на Шведска и на Норвешката Агенција за безбедност на храна, кои воедно се и твининг партнери на Северна Македонија во овој проект. Главни цели на проектот и дел од придобивките кои земјава ќе ги добие со реализација на Акцискиот план, се зајакнување на капацитетите за воспоставување на оперативна национална Кодекс структура, ефикасно вклучување на Република Северна Македонија во Кодекс системот, активно учество во работата на сите тела на Кодекс, како рамноправна членка, како и воспоставување на национални приоритети за работа во Кодекс, обезбедување буџет за идните активности поврзани со работењето на Кодекс, усвојување на Кодекс стандарди и слично.
Со цел опфаќање на сите аспекти на системот за безбедност на храната, во имплементацијата на проектот се вклучени и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје, Фитосанитарната управа, Институтот за јавно здравје и Државната фитосанитарна лабораторија, како институции кои се дел од националната Кодекс структура.