Агенцијата за храна и ветеринарство најостро го осудува обидот за манипулирање на јавноста и пласирање на невистини дека стационарот за бездомни кучиња во Охрид, се уште чека дозвола за работа од Агенцијата за храна и ветеринарство, вест која вчера, беше објавена на медиумот Супер радио на порталите OhridPress и Inpress. Како одговорна институција за безбедноста на храната, но и за здравствената заштита и благосостојбата на животните, одговорно тврдиме дека досега до Агенцијата за храна и ветеринарство, локалната самоуправата, односно надлежното комунално претпријатие од Охрид немаат поднесено барање за одобрување на прифатилиште за бездомни животни, иако уште во март минатата година, Агенцијата ја охрабри локалната самоуправа за отворање на прифатилиште за бездомни животни и решавање на проблемот со кучињата скитници.
За надминување и решавање на проблемот со бездомните кучиња во Охрид, со посредство на Агенцијата за храна и ветеринарство во март 2019 година организирани и одржани беа неколкудневни теоретски и практични предавања за вработените од јавното комунално претпријатие „Охридски комуналец“ и Општина Охрид од страна на експертот Брајан Фаулкнер, претставник на Кралското здружение за заштита на животните од суровост од Велика Британија (RSPCA). На предавањата детално беа објаснети постапките и стандардните оперативни процедури, техниките и методите на заловување на бездомните животни, нивната благосостојба и третманот во прифатилиштата. Во пракса беа презентирани основите за воспоставување на соодветен систем за контрола на бездомните кучиња базиран на благосостојбата на животните.