Претставници на експертските групи на Светската Здравствена Организација (СЗО) во рамки на нивната работилница за заедничка надворешна евалуација на Меѓународниот здравствен правилник која се одржува во Скопје, ја посетија и Агенцијата за храна и ветеринарство. Целта на посетата е детално запознавање и презентирање на активностите кои Агенцијата ги презема во областа на јавното здравство, здравствената заштита на животните, особено во делот на превентива и контрола на зоонозите, безбедноста на храна и антимикробната резистенција.
Со Меѓународниот здравствен правилник земјите членки се обврзуваат да преземат мерки и активности во однос на превенција, контрола и навремен јавно здравствен одговор во услови на меѓународно ширење болести. На состанокот беше посочено дека имплементирањето на Меѓународниот здравствен правилник е регулирано со посебен член во Законот за јавно здравје.
Овој подзаконски акт поставува нови барања и обврски за земјите членки на СЗО кои треба да развијат способност за откривање, верификација, известување и точност на информациите. Меѓународниот здравствен правилник е многу ефикасен инструмент за јакнење на врската, меѓу системите за следење на состојбите и воспоставување брзи механизми на реакција и одговор на кризни состојби, а прифаќањето на правилникот, и постапувањето според неговите препораки, претставува клучен глобален инструмент за заштита од интернационално проширување на заболувањата.
Поосебен акцент беше ставен на заедничката и координирана активност на Агенцијата за храна и ветеринарство со институциите од здравствениот сектор, пред се со Институтот за јавно здравје, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Министерството за здравство.