Прекумерната телесна тежина и дебелината (obesitas lat.) е типичнa болест поврзана со животниот стил - се однесува на прекумерна акумулација на телесни масти која негативно влијае на здравјето. Појавата на прекумерната тежина и дебелината е во пораст како најзначаен здравствен проблем на модерниот стил на исхрана. Дебелината е причина за многу кардиоваскуларни заболувања, неплодност и отпорност на инсулин (инсулинска резистенција), а е поврзана и со многу други ендокрини, респираторни, гастроинтестинални, психијатриски, мускуло-скелетни и кожни заболувања. За намалување на телесната тежина и да се подобри изгледот на телото (т.е. зголемување на мускулната маса без маснотии и намалување на телесни масти) достапни се многу додатоци во исхраната и здравствени препарати или лекови за слабеење на пазарот од различни компании. Меѓу нив се и оние што во составот имаат конјугирана линолеична киселина (CLA), бидејќи научни студии ја докажаа нејзината обратнопропорционална врска со дебелината. Овој сеопфатен, мултидисциплинарен научен прегледен извештај се однесува на здравствената проценка од диететската експозиција на CLA преку додатоци на исхрана и храна наменета за спортисти, ефектите по здравјето, поврзаноста со дебелината, како патолошка состојба, дислипидемијата, кардиоваскуларните заболувања и други интернистички заболувања.
Автор на овој документ, во целост, е Д-р Виктор АРСОВ, дипломиран доктор по медицина, специјалист интернист, експерт за здравствена проценка на ризик поврзана со опасности во храната, нутриција, диететски производи и алергии, помлад соработник за логистика за информации за здравствена проценка на ризик поврзани со опасности во храната во Секторот за проценка и комуникација на ризик (СПКР).