Директорот на Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов, денес оствари работен состанок со Александра Хамонд Симан, експерт за благосостојба на животните од регионалната канцеларија на Кралското здружение за заштита на животните од суровост од Велика Британија во Хрватска. На состанокот беа објаснети основите на обуката за социјализација на кучињата за која се одржува неделава, а прецизирани беа и деталите за продолжување на соработката на Агенцијата со ова здружение. Наскоро, како што беше договорено, експерти од ова здружение во соработка со Агенцијата во Скопје ќе одржат регионална обука за обучувачи за воспостаување на системи за контрола на кучињата.
- Општина Центар е избрана на локална самоуправа во која ќе се реализираат пилот активностите. Ќе се направи детална анализа на теренот, проценка на популацијата кучиња, како и истражување на навиките на граѓаните поврзани со кучињата, опфаќајќи ги бездомните животни и домашните миленици. Согласно добиените резултати, ваков тип на истражувања подоцна ќе може да се спроведат и во другите општини во Република Северна Македонија, но и во земјите од регионот – појасни Хамонд Симан.
Директорот Атанасов на состанокот потенцира дека постои институционален интерес за унапредување на заштитата и благосостојбата на животните.
-До Владата на Република Северна Македонија нашата институција ја достави тригодишната Стратегија за заштита и благосостојба на животните со акциски план за реализирање на дефинираните приоритети кои се однесуваат на благосостојбата на животните. Во овој документ покрај регистрацијата и одобрувањето на превозници на животни, заштита на животните при колење, заштита на кокошките несилки, како приоритети се дефинирани и контролата на популацијата кучиња и реализацијата на кампањата за подигнување на јавната свест за општите принципи за заштита и благосостојба на животните. Обезбедивме пари за набавка на 100 илјади бесплатни микрочипови за домашните миленици, кои како што се договоривме неодамна со Ветеринарната комора на Република Северна Македонија, ветеринарните друштва бесплатно ќе ги аплицираат на одгледувачите на кучиња –истакна директорот Атанасов.
Тој објасни дека годинава ќе се врши и идентификација и попис на одгледувалиштата на копитари, активност која досега не беше спроведена во нашата земја.
Официјални ветеринари, дресери на кучиња од Министерството за внатрешни работи и Армијата на Република Северна Македонија, претставници од ветеринарните друштва и од невладините организации за заштита на животните, беа дел од тридневната обука за спроведување на тестот за социјализација на кучиња согласно Законот за заштита и благосостојба на животните, кој го реализираа експерти од Кралското здружение за заштита на животните од суровост од Велика Британија. Обуката се одржа во Центарот за одгледување и дресура на кучиња на АРМ во касарната Ѓорче Петров во Скопје, и на неа експертот од ова здружение Брајан Фулкнер, на учесниците теоретски и практично им објасни како се спроведува тестот за социјализација на кучињата.
Во рамки на обуката, Фулер акцент стави на деталите околу препознавањето на карактеристиките на одделни раси кучиња, нивниот карактер, но и начините на кои одделни раси кучиња под различни околности стануваат агресивни, како и на начините и мерките кои треба да се преземат за ресоцијализација на кучињата кои по спроведениот тест ќе бидат прогласени за опасни. Експерот Фулер неделава ќе одржи и обука за благосостојба на животните за прифатилиштата за бездомни животни кои се регистрирани во Агенцијата за храна и ветеринарство.