Авијарната инфлуенца (АИ), е болест предизвикана од вирусот на грип/инфлуенца тип „A“ од фамилијата Orthomyxiviridae, која може да предизвика големи загуби во живинарската индустрија, во производството на птици (кокошки, мисирки, потполошки, бисерки, итн) и ограничувања во увозот и извозот живи птици и производи од живина. Кај домашната живина, птици кои се држат како миленичиња и диви птици, болеста предизвикува висока стапка на смртност.
Постојат многу видови на вируси на Авијарна Инфлуенца кои генерално може да се поделат во две категории:
- ниско патогена Авијарна Инфлуенца (LPAI) која обично се манифестира со малку или без клинички промени кај птиците
- високо патогена Авијарна Инфлуенца (HPAI) која предизвикува сериозни клинички промени и/или висока смртност кај птиците
Каде може да се појави болеста?
Авијарната Инфлуенца може да се појави во целиот свет и различни видови на вирусот се присутни во различни области на светот. Од посебен интерес се епидемиите на високопатогени Х5Н1 АИ што се случуваа во југо-источна Азија кон крајот на 2003 година. Во текот на изминатите години, и други азиски земји објавија епидемии а во некои болеста сега се смета за ендемски присутна (секогаш присутна). Појава на високо патогена авијарна инфлуенца Х5Н1, исто така е пријавена во Африка и Европа. Последните жаришта на болеста на Европскиот континент се пријавени во текот на месец Ноември оваа година во Германија, Холандија и Велика Британија.
Како болеста се шири и пренесува?
Глобализацијата и меѓународната трговијата (легална и нелегална), саемите и пазарите на птици, начинот на држење на живината и присуството на вирусот кај дивите птици се неколку фактори кои придонесуваат за ширење и пренесување на Авијарната Инфлуенца. Дивите птици нормално може да го носат вирусот на Авијарната Инфлуенца во нивниот респираторен или цревен тракт без да се разболуваат. Дивите птици историски се познати како резервоари за вируси на Авијарната Инфлуенца, главно од ниско патогени соеви затоа на глобално ниво се спроведуваат мерки за надзор, следење, појава и карактеристика на вируси на Авијарната Инфлуенца во дивите птици иако поголемото мнозинство на овие вируси не предизвикува болест.
Се уште не е позната точната улога на дивите птици во ширењето на вирусот на високо патогена авијарна инфлуенца Х5Н1. Генерално, постојат многу неизвесности за вклученоста на дивите птици, миграторните рути и пред сè, на можноста дека некои видови може да станат постојан резервоар на Х5Н1 вирус без да покажуваат клинички знаци на болеста.
Вирусот на Авијарна Инфлуенца може да се шири преку директен контакт со секрети од заразени птици, особено фекалии или преку контаминирана храна, вода, опрема и облека. Освен тоа што е високо заразна меѓу живината, вирусите на Авијарна Инфлуенца лесно се пренесуваат од одгледувалиште до одгледувалиште преку движење на домашните живи птици, луѓето (преку контаминирани чевли и облека), контаминирани возила, опрема, храна и кафези. Период на инкубација на болеста е 3 до 5 дена. Високо патоген вирус може да преживее долги периоди во животната средина, особено на ниски температури. На пример, на високо патоген Х5Н1 вирус може да опстане во измет од птици најмалку 35 дена при ниска температура (4ºC). На повисока температура (37ºC), Х5Н1 вирусот во фекални примероци преживува шест дена.
Инфекции кај мачките и свињите се од посебен интерес бидејќи овие животни се подложни на инфекции на птичји и човечки вируси на инфлуенца и ова може да обезбеди можност вирусот на Авијарна Инфлуенца Х5Н1 да се приспособи или мутира. Иако спорадични инфекција со вирус HPAI Х5Н1 кај свињите и мачките се пријавени во текот на изминатите три години не постојат научни докази кои покажале дека овие видови на животни има важна улога во епидемиологијата на болест или како извор на вирусот на други видови.
Кој е здравствениот ризик во јавноста поврзан со оваа болест?
Болеста е зооноза (болест која првенствено влијае на животните- птиците но предизвикува болест и кај луѓето).
Од вирусите на Авијарна Инфлуенца во ретки случаи можно е да се заразат и луѓето. Пренос на луѓето се случува кога постои близок контакт со заразени птици или во високо контаминирана средина. Иако од Авијарна Инфлуенца предизвикана од високо патоген сој на вирусот понекогаш може да се зарази човекот, болеста не треба да се меша со сезонскиот грип кај луѓето (обично предизвикани од Н1 и Н3 вируси). Поради големиот потенцијал за инфекција кај луѓето се препорачува луѓето кои работат со или се во контакт со живина за која постои сомневање дека е заразена со Авијарна Инфлуенца да носат лична заштитна облека која вклучува и маски за лице, заштитни очила, ракавици и чизми. Веројатноста за вирусот на Авијарна Инфлуенца Х5Н1 да се промени во форма која е многу заразна за луѓето која масовно и лесно ќе се шири од човек на човек е непознат. Сепак, оваа можност во комбинација со зголемување на отпорност на вирусот на Авијарна Инфлуенца Х5Н1 во отсуство на антивирусно лекување и недостаток на вакцинација ја прави оваа болест високо ризична за здравјето на луѓето. Нема докази со кои се потврдува дека консумирањето на термички третирана живина или јајца можат да го пренесат вирусот на АИ на луѓето.
Кои се клиничките знаци на болеста?
Во блага форма, знаци на болест може да се изразени како накострешени пердуви, намалено производството на јајца или благи симптоми на респираторниот систем. Во тешка форма на болеста, вирусот влијае на респираторниот систем, но исто така предизвикува промени по повеќе органи и ткива што резултира со големи внатрешни крварења.
Некои или сите од следните клинички знаци се евидентни кај птици заразени со високо патоген вирус на АИ (вклучувајќи Х5Н1):
- тишина и екстремна депресија;
- ненадеен пад во производството на јајца, со несење на меки-јајца или јајца без лушпа;
- оток и конгестија на кикиритка и подбрадници кај живината;
- оток на кожата под очите;
- кашлање, кивање и нервни симптоми;
- дијареа;
- хеморагии на скочниот зглоб;
- состојба на појава на неколку смртни случаи во текот на неколку дена, која прогресира и стапката на смртност потоа се зголемува и може да биде и 100% во рок од 48 часа
Како се дијагностицира болеста?
Авијарната инфлуенца (АИ) може да се дијагностицира врз основа на клиничките знаци и настани кои водат до болеста и со лабораториска потврда на примероците кои се земени за анализа.
Мерки кои се спроведуваат за спречување на појава и контрола на болеста
Од особена важност е постоењето на систем за рано пријавување и рано откривање на болеста но и спроведување на превентивни мерки како дел од ефективна стратегија за справување со Авијарна Инфлуенца надополнето со потенцијална спремност за одговор во случај на појава на жариште на болеста. Мерките за надзор имаат за цел да се открие присуство на инфекција кај живината според OIE стандарди за надзор на авијарната инфлуенца. Дополнително програми за следење на појавата, ширењето и карактеризација на вирусите на Авијарната Инфлуенца пронајдени во дивите птици. Надзорот кај дивите птици опфаќа различни миграциски рути и особено собирни места каде птиците преселници од различни континенти се мешаат. Од есенцијална важност е одгледувачите на живина и птици да одржуваат високо ниво на биосигурносни мерки на одгледувалиштето за да се спречи внесување на вирусот во самото одгледувалиште.
Мерки кои се препорачуваат на ниво на фарма/одгледувалиште вклучуваат:
- живината да се држи по далеку од области кои се посетувани од диви птици;
- да се контролира пристапот до одгледувалиштата на живина на луѓе и опрема;
- да се отстранат предмети од одгледувалиштето кои може да привлечат диви птици;
- одржување на хигиена на имотот, објектите каде се држи живината и опремата;
- да не се внесува живина/ птици од непознат статус на болеста во јатото/ на одгледувалиштето;
- да се води евиденција за болни и угинати птици;
- соодветно да се отстранува ѓубрето и угинатата живина.
Ако болеста се потврди на одгледувалиштето, мерка која задолжително се применува на тоа одгледувалиште е „убивање“ на живината-птиците со цел искоренување на болеста.
Во спроведувањето на мерката „убивање“ се вклучува и:
- хуман начин на уништување на сите заразени и изложени животни
- соодветни отстранување на мрши и сите животински производи;
- надзор и следење на потенцијално заразена или живина изложена на болеста;
- забрана за движење и контрола на движењето на живината како и ризичните возила;
- темелно чистење и дезинфекција на заразените простории
- повторно населување на одгледувалиштето најмалку по 21 дена.
Убивањето на живината може да биде надополнето со вакцинација на живината во областите со висок ризик. Вакцинација има за цел да ги заштити чувствителните популации на птици од потенцијална инфекција со што се намалува инциденцата или тежината на болеста. Вакцинацијата ефикасно може да се користи како итна мерка во случај на појава на жариште или како рутинска мерка во области каде болеста е ендемски присутна. Секоја одлука која се донесува во насока на користење на вакцинација треба да вклучува и стратегија за напуштање на вакцинацијата.
ПРЕПОРАКА:
СЕКОЈА ЗГОЛЕМЕНА СМРТНОСТ НА ЖИВИНА ВО ОДГЛЕДУВАЛИШТАТА ЗАДОЛЖИТЕЛНО ДА СЕ ПРИЈАВИ НА ВЕТЕРИНАРНИТЕ ДРУШТВА И ОФИЦИЈАЛНИТЕ ВЕТЕРИНАРИ
Решенија
- Решение со број 02-3036/1 од 08.11.2024 за престанување на наредените заштитни и контролни мерки од болеста високо патогена авијарна инфлуенца кај птиците
- Решение со број 02-2853/1 од 29.10.2024 за прогласување на болеста високо патогена авијарна инфлуенца кај дивите птици и наредување на заштитни и контролни мерки
- Решение со број 02-2745/1 од 20.10.2024 за прогласување на болеста високо патогена авијарна инфлуенца кај птици и наредување на заштитни и контролни мерки
- Решение со бр.10-100/1 од 09.01.2023г. за престанување на наредните заштитни и контролни мерки за болеста високо патогена авијарна инфлуенца кај птици миленици и други птици на територијата на Република Северна Македонија
- Решение со број 10-3294/1 од 07.11.2022 за прогласување на болеста високо патогена авијарна инфлуенца кај птици и наредување на заштитни и контролни мерки
- Решение со бр.02-2805/1 од 22.09.2022г. за престанување на наредните заштитни и контролни мерки за болеста високо патогена авијарна инфлуенца кај дивите птици на територијата на Република Северна Македонија
- Решение со бр.02-691/1 од 22.02.2022 година, за прогласување на болеста високо патогена Авијарна инфлуенца кај дивите птици и наредување на заштитни и контролни мерки
- Решение со бр.02-643/1 од 18.02.2022 година, за прогласување на болеста високо патогена Авијарна инфлуенца кај дивите птици и наредување на заштитни и контролни мерки