
Употребата на енергетски пијалоци меѓу учениците значително е зголемена бидејќи со нивната конзумација тие имаат повеќе енергија и моментално ја подобрува нивната концентрацијата, но на долг рок овие пијалоци можат да предизвикаат сериозни здравствени последици. Ова беше истакнато на вчерашната презентација пред учениците од скопската гимназија Јосип Броз Тито на која учениците беа едуцирани дека енергетските пијалоци содржат високо ниво на кофеин и стимуланси таурин и гуарана, кои при консумација можат да доведат до:зголемен крвен притис, несоница, нервоза и анксиозност, забрзано чукање на срцето, зависност и сериозни кардиоваскуларни заболувања.
- Особено е ризично комбинирањето на енергетски пијалоци со алкохол. Затоа, најдобро е ваквите производи да не се купуваат, а треба да бидете информирани дека тие се забранети за деца под 18 години
–потенцираше Радмила Јовановиќ Николовска, државен советник во Агенцијата за храна и ветеринарство.
Жанета Мијовска, в.д раководител на Секторот за храна од неживотинско потекло ги информираше учениците дека кога се купува храна, многу е важно да се внимава на означувањето на производите.
- Здравствените и нутритивните тврдења на прехранбените производи мора да бидат научно поткрепени и однапред одобрени. Наш приоритет е да обезбедиме точни, јасни и проверени информации на декларациите , со цел граѓаните да можат да направат вистински избор и да се информирани при купување храна
- рече Мијоска.
Никола Савовски, в.д раководител на Сектор за проценка и комуникација со ризик објави дека сè повеќе луѓе купуваат храна преку интернет.
- Овој начин е удобен, но треба да се внимава. При електронско купување на храна потребно е да се купува од проверени и безбедни веб-страници, да се читаат прецизно сите информации за производот. Онлајн купувањето може да заштеди време и пари, но бара внимателност за да се избегнат измами и купување небезбедна храна
-рече Савовски