
Функционален и оперативен е воспоставениот систем за заштита од болеста лишавка и шап во Република Северна Македонија, заклучија на денешниот завршен состанок стручни лица на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и Управата за безбедност на храна, ветеринарни и фитосанитарни работи на Република Црна Гора. Тие вчера, заедно со претставници од Ветеринарната комора на РСМ и Факултетот за ветеринарна медицина од Скопје, на фарма во скопското село Петровец ја реализираа симулациската вежба за справување со болеста лигавка и шап.
Целта на вежбата која вчера се спроведе на терен беше проверка на плановите за итни мерки за справување со оваа болест и тестирање на воспоставените процедури во двете земји, со цел утврдување дали има и кои се недостатоците, соодветно да се направат корекции на истите, за да се обезбеди висок степен на заштита од ширење на болеста при евентуална најзина појава – вели директорот на АХВ Николче Бабовски.

На состанокот кој се одржа денес, учесниците направија евалуација на подготвеноста на плановите за итни мрки за справување со оваа болест и ги утврдија добрите, но и слабите страни на одговорот при евентуална појава на болест кој вчера беше симулиран на терен.
Симулациската вежба за болеста лигавка и шап Агенцијата за храна и ветеринарство ја организира во соработка со Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (FAO) и Европската комисија за контрола на болеста лигавка и шап (EuFMD и Факултетот за ветеринарна медицина Скопје.

За спроведувањето на симулациската вежба за справување со болеста лигавка и шап, заклучи Бабовски, информирана беше и Светската организација за заштита на животните – OIE.