Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 2500 денари

Најголемиот дел од производите ги содржат основните информации во однос на означувањето

02.11.2017
Најголемиот дел од производите ги содржат основните информации во однос на означувањето

Најголем дел од етикетите на прехранбените производи во Македонија ги имаат основните информации за содржината и квалитетот, покажува истражувањето. Истражување на етикетите на одредени прехранбени производиво малопродажната мрежа,, што го спроведе Организацијата на потрошувачи на Македонија за Агенцијата за храна и ветеринарство во рамки на владината Програма за заштита на потрошувачите за 2017/2018 година. Резултатуте од Истражувањето беа презентирани пред членките на Здруѓението за трговија при Стопанската комора на Македонија. Со истражувањето беа опфатени 120 примероци по случаен избор од големите маркети, различни по вид и производител. Вклучени беа шест групи производи, житарки, преработки на овошје и зеленчук, месо, месни производи и риба, млеко и млечни производи, напитоци, масло, сол и зачини.

Предмет на истражување беа етикетите на определени прехранбени производи во однос на информации поврзани со храната, значајни како за потрошувачите, така и за компаниите – производители и дистрибутери на храна, од аспект на тоа дали се почитуваат задолжителните информации кои треба да ги содржат етикетите на прехранбените производи согласно Правилникот за информации поврзани со храната (Службен весник на РМ бр. 150/2015) и Регулативата на ЕУ од оваа област. На настанот присуствуваа повеќе од 40 учесници, најмногу од операторите со храна, и индустриите кои работат во овој домен, но и од инспекциските органи кои вршат надзор во овој домен.

Според добиените резултати, отстапување е евидентирано во однос на немањето нутритивни табели за хранливата вредност (26 проценти), во однос на немањето декларации на македонски јазик (9 отсто), и во однос на податоци кои може да ги доведат потрошувачите во заблуда (18 отсто).

– Истражувањето покажа дека само мал процент од етикетите имаат отстапувања што е потврда дека сите чинители во системот за безбедност на храната се сериозно ангажирани, истакна директорот на Агенција за храна и ветеринарство Зоран Атанасов на презентацијата на резултатите која денес се доржа во Стопанската комора на Македонија.

Според него, податоците од етикетите на производите се во суштина означување на храната, а тоа е законска обврска на секој оператор, почнувајќи од производителите, трговците, увозниците и дистрибутерите.

– Овие прописи во Македонија се усогласени со прописите на ЕУ и претставуваат значајна информација за потрошувачите врз основа на која тие можат да направат вистински избор на храната, согласно сопствените потреби. Ова истражување е едно од првите истражувања на пазарот што ги спроведува Агенцијата, од неколкуте кои планираме да ги реализираме во наредниот период, со цел да направиме анализа на пазарот и проценка на имплементацијата на прописите, кои Агенцијата континуирано ги хармонизира со прописите на ЕУ, подвлече Атанасов.

Се одлучивме за вакво истражување, додаде тој, бидејќи податоците од етикетите на прехранбените производи, претставуваат значајна информација за потрошувачите, врз основа на која може да направат вистински избор на храна, согласно со сопствените потреби.

-Резултатите од истражувањето за мене претставуваат пријатна вест и уверување дека како институција правилно и навремено сме реагирале и одговориле на барањата на бизнис секторот за одложената примена на новата европска регулатива за означувањето во Република Северна Македонија.Во насока на унапредување на политиките за заштита на потрошувачи во областа на храната планираме и понатаму да ја одржуваме и зајакнуваме соработката со граѓанскиот сектор - посочи Атанасов.

На настанот беше претставена методологијата за изработка, структурата и содржината на истражувањето и се даде осврт врз заклучоците и препораките поврзани со истражувањето, а беше даден и осврт врз заклучоците и препораките поврзани со Истражувањето.

Проф. д-р Лидија Петрушевска – Този, претседател на работната група за храна при Организација на потрошувачите на Македонија, посочи дека предмет на истражувањето биле 120 примероци на прехранбени производи и тоа: житарки и производи, преработки од овошје и зеленчук, млеко и млечни преработки, месо и преработки, напитоци, зачини, сол и масло, кои се земени како примероци од трговската мрежа во Скопје, пред се од големите маркети, имајќи го предвид фактот дека во нив е најголема фреквенцијата на купувачи.

Маријана Велкова Лончар, претседател на Организацијата на потрошувачи на Македонија, укажа на потребата од натамошна соработка со бизнис заедницата, со цел да им се овозможи на потрошувачите да добијат клучни информации за природата и карактеристиките на храната што ќе им помогне во вистинскиот избор на храната која ја купуваат, при што најважното правило е дека означувањето, презентирањето и рекламирањето на храната не смее да го доведе во заблуда потрошувачот.

Елена Милевска Штрбевска, оперативен директор на Комората, посочи дека од особена важност е следењето и информирањето на потрошувачите, но и на компаниите од областа на производството и трговијата со храна, за сите активности кои се поврзани со почитување на домашната и европската регулатива и стандарди, бидејќи преку вакви и слични настани за подигнување на јавната свест, водичи и соработка со бизнис-заедницата, уште повеќе се придонесува на подобрување на состојбите на овој план.

Ката Стојановска, раководител на Одделението за заштита на потрошувачи при Агенцијата за храна и ветеринарство, исто така, изрази задоволство поради големата заложба на производителите и трговците на храна за имплементација на оваа регулатива, поради што голем процент од производите денес ги исполнуваат сите потребни услови и стандарди согласно регулативите, што се потврдува и од презентираното истражување, а воочените отстапувања поврзани со нутритивни податоци, заблуда, отсуство на македонски превод и слично се помал процент, кој сите засегнати страни треба да се насочат уште повеќе да се намалува.

Генерална констатација која произлезе од истражувањето е дека етикетите на прехранбените производи главно ги задоволуваат неопходните информации што треба да бидат содржано согласно важечката регулатива, но во интерес на потрошувачите, а и компаниите-производители и трговци со храна, можни се определени подобрувања во делот на информациите за хранливата вредност на производите, поголема читливост на декларацијата, јасни и целосни информации кои ќе исклучуваат било каква заблуда на купувачите, и дополнителни информации за состојките кои предизвикуваат алергии или нетолерантност.

Категорија