Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) на Република Северна Македонија и Амбасадата на Република Кореја во Софија, надлежна и за Република Северна Македонија, потпишаа Меморандум за соработка, со кој се поставува основа за унапредување на билатералните односи во областа на безбедноста на храната, ветеринарството и олеснувањето на трговската размена.
Меморандумот беше потпишан во Скопје, на 30 октомври 2026 година, од директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, д-р Оливер Миланов, и амбасадорот на Република Кореја во Република Северна Македонија, со седиште во Софија, Н.Е. Ким Донгбе.

Со потпишувањето на документот се создава рамка за продлабочување на институционалната соработка, размена на информации, експертиза и добри практики, како и за воспоставување поефикасна комуникација меѓу надлежните институции на двете земји.

Посебен акцент во соработката е ставен на безбедноста на храната и храната за животни, ветеринарното јавно здравство, здравствената заштита и благосостојбата на животните, како и на превенцијата, следењето и контролата на болестите кај животните.
Меморандумот предвидува и размена на научни и технички знаења, соработка меѓу надлежните институции, лабораториите и експертите, организирање стручни обуки, семинари, работилници и студиски посети, како и можности за техничка поддршка и зајакнување на институционалните капацитети.

Значаен сегмент од соработката е и олеснувањето на билатералната трговија со храна, животни и производи од животинско потекло, преку подобрување на размената на информации за увозните и извозните барања, санитарните услови, постапките за сертификација и процедурите за пристап до пазарите.
Во оваа насока, предвидено е поттикнување на директната комуникација меѓу надлежните органи на двете земји, со цел полесно идентификување и, каде што е можно, надминување на техничките и административните пречки во трговската размена, со целосно почитување на важечките национални прописи и меѓународните стандарди.
Меморандумот опфаќа и соработка за олеснување на пристапот на корејските државјани кои престојуваат во Република Северна Македонија до прехранбени состојки и други неопходни производи за секојдневниот живот, како и до информации за важечките законски и регулаторни барања.
Амбасадата на Република Кореја, во рамките на својата дипломатска и посредничка улога, ќе може да ја олеснува комуникацијата меѓу АХВ и надлежните корејски институции, со што ќе се содадат дополнителни можности за конкретни заеднички активности и иницијативи.
Со потпишувањето на Меморандумот, Агенцијата за храна и ветеринарство ја потврдува својата определба за унапредување на меѓународната институционална соработка, примена на меѓународно признатите стандарди и создавање поволни услови за развој на билатералните односи во областите од нејзина надлежност.