Новото најавено зголемување на дневните температури, кое според метеоролозите во одредени региони ќе достигне 40 степени, ги зголемува ризиците од појава на труење со храна. Високите температури претставуваат потенцијална опасност и за здравјето на животните доколку за нив навреме не се преземат мерки за обезбедување доволни количини безбедна храна и вода за пиење.

За да се спречи труење со храна, неопходно е да се направи правилен избор при набавката, да се обезбедат соодветен транспорт и услови за чување, како и да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и за складирањето. Се препорачува да се купува храна од проверени места во кои производите, особено лесно расипливите од животинско потекло, се чуваат во разладни уреди.

Да се избегнува купување храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), разладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето, а лесно расипливата храна, како месото, млекото и јајцата, да не се чуваат долго време во автомобили и во други транспортни средства. Да се избегнува купување разладена или замрзната лесно расиплива храна, која се чува надвор од ладилник или замрзнувач.

Разладената храна да се чува на температура пониска од 5 степени, а храната што треба да се зготви термички да се обработи на темпeрaтура повисока од 60 степени. Овошјето и зеленчукот пред употреба темелно да се измијат под млаз вода, месото, млекото и јајцата термички добро да се обработат. По подготовката, изладена, храната да се чува во фрижидер. На најгорните полици да се чува зготвената храна, а на подолните суровата. Храната да се заштити од инсекти, глодачи и од домашните миленичиња и другите животни, кои може да дојдат во контакт со неа.
Ако се јаде во угостителските објекти, тоа да бидат оператори со храна што водат сметка за хигиената и за безбедноста на храната и кои имаат добра репутација. Во објектите за брза храна избегнувајте ги додатоците што не стојат во ладилник, како што се мајонез, кечап, крем-салати, сосови, преливи...
Доколку сметате дека храната не е безбедна, не ризикувајте - фрлете ја!
Од високите температури на удар се и животните. Затоа е неопходно нивно соодветно згрижување, чување и третирање. Доколку животните се држат во несоодветни услови, кога температурите се исклучително високи, во објекти со висок процент влага и недоволна вентилација, може да дојде до топлотен удар. Сончаница, пак, се појавува како последица на непосредно, директно изложување на сончево зрачење. И во двата случаја, исходот може да биде фатален ако не се делува навреме и доколку животните се изложуваат на напорната работа или се транспортираат при високи температури.
Порастот на температурите претставува стрес за секое животно, а може да се манифестира со намален апетит, послабо внесување храна, зголемена потреба за вода, намалено производство на млеко и слаб прираст. Забрзано и плитко дишење, несигурен од – (тетеравење), изразена зголемена телесна температура, забрзан пулс, исплашен поглед, зголемена жед, тикови и грчеви на мускулите кои се јавуваат на крај, со неповолна прогноза, се дел од симптомите по кои може да се препознаат топлотниот удар и сончаницата кај животните за што е неопходна итна реакција.
Во вакви услови, додаваат, животното треба да се смести во ладовина или во разладена просторија, каде што има доволно свеж воздух, да му се даде доволна количина свежа вода, телесната температура да се намали со туширање/прскање со умерено ладна вода или со покривање на главата и вратот со ладна и влажна крпа, но, треба да се внимава ладењето на животното да не биде премногу брзо.
На фармите да се внимава на населеноста (густината) на сместување на животните во објектите. Животните треба да бидат заштитени од директните дејства на сончевите зрачења, на испустите треба да има натстрешници или природни ладовини. Излегувањето на животните да биде во раните утрински или вечерни часови, периоди кога треба да се организира и транспортот на животните или да се користат за работа, бидејќи тогаш температурите се пониски.
Домашните миленици да не се оставаат во затворени автомобили кои се директно изложени на сонце, ниту да се изнесуваат на прошетка во најтоплиот период од денот. Сопствениците да им обезбедат доволна количина, постојано свежа и чиста вода, како и престој во проветрени простории.