“Забраната за користење на водата од гостиварскиот водовод за пиење и подготовка на храна останува во сила за сите граѓани, угостителски објекти и оператори со храна сè додека лабораториските анализи не потврдат дека водата е безбедна. Угостителите мора да користат технички безбедна вода, а инспекциските служби продолжуваат со вонредни контроли по откривањето на диво поставените пумпи во Вруток.” Ова го порача Директорот на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) Оливер Миланов на денешната прес конференција во Владата на која за актуелната состојба со водата од гостиварскиот водоснабдителен систем информираа и министерот за животна средина и просторно планирање Муамед Хоџа и директорката на инспекторатот за животна средина Ивана Гиновска.
Миланов, информираше дека инспекторите ги прошириле контролите кај сите оператори со храна во Гостиварско. Паралелно се земаат дополнителни мостри од целиот водоснабдителен систем, како од градинки, јавни установи и угостителски објекти. Во текот на вчерашниот ден, земени се мостри вода за лаборатиориско тестирање од јавна чешма пред Општина Гостивар, јавна чешма во населба Циглана, чешма во кујна во детска градинка Детска Радост клон Пролет, вода од чешма во кујна во детска градинка Детска Радост клон Цветови, јавна чешма во храм Света Богородца, вода од чешма во сестринска соба хируршко одделение Општа болница Ферид Мурати, вода од чешма во дворот на Кадир Џамија, вода од чешма од шанк од ресторан и сирова вода од каптажа на извор Вруток.

-Сите субјекти кои нема да ги почитуваат забраните и препораките ќе добијат прекршочни санкции. Продолжуваме будно да ја следиме состојбата и да преземаме соодветни законски мерки за целосно расчистување на случајот и отстранување на причините кои довеле до оваа состојба и го загрозиле здравјето на граѓаните. Нема да дозволиме ниту еден аспект од постапката да остане неиспитан, изјави Миланов на прес-конференција во Владата.
Инспекциските служби и денеска продолжуваат со контролите кај операторите со храна во Гостиварско, со цел да се утврди изворот на контаминацијата, степенот на загаденост и да се обезбедат дополнителни лабораториски резултати. Конечната одлука за укинување на забраната ќе биде донесена по добивањето на официјалните лабораториски резултати од лабораториските испитувања.
-Апелирам граѓаните доследно да ги почитуваат препораките на здравствените институции и локалната власт во однос на користењето на водата, се до добивање на конечните резултати и целосното нормализирање на состојбата. АХВ ќе преземе мерки против сите субјекти кај кои ќе бидат утврдени пропусти или нама да ги почитуваат законските обврски. Институтот за јавно здравје треба официјално да ги достави резултатите од тестирањето на примероците до Агенцијата – истакна Миланов.
Тој информираше дека АХВ почнала со вонредни контроли откако добила известување од Основното јавно обвинителство Гостивар и пријава од МВР за можна нарушена безбедност на водата за пиење во гостиварскиот водоснабдителен систем.
При контролата на 16 јули во село Вруток, во соработка со Министерството за животна средина, ОЈО Гостивар и крим-техника на МВР, било утврдено дека во главниот цевковод на водоводната мрежа без одобрение биле поставени пумпи кои директно внесувале вода од реката Вардар во системот за водоснабдување.
За лабараториско испитување биле земени четири мостри од различни точки – од резервоарот, каптажата, површинска вода и јавна чешма.
Министерот Хоџа на прес конференцијата истакна дека Влада и институциите ги преземаат сите потребни мерки во рамки на своите надлежности за средување на состојбата која ја оцени како сериозен инцидент кој го загрози здравјето илјадници граѓани во Гоостиварско.
-Компромис и прикривање на одговорноста во вакви ситуации не смее и нема да има – истакна тој.
Општините и комунални претпријатија, обајсни минситерот Хоџа се првата линија на одговорност кога станува збор за снабдувањето со вода за пиење, одржувањето н водоводните системи и собирањето и третманот на отпадните води. На општините, додаде Хоџа е и одговорноста за воспоставување и заштита на санитарните околу водните извори.
-Во моментов Владата спроведува најголем инвесициски циклус во областа на комуналната инфраструктура со реализација на стотици проекти во општините- заклучи Министерот Хоџа.
Според Директорката на Државниот инспекторат за животна средина и просторно планирање, Ивана Гиновска, детектираниот див приклучок на отпадна вода воопшто не е во склоп на дозволата која ја има издадено Министерството за животна средина и просторно планирање, односно истиот се наоѓа на 800 до 900 метри надвор од последната точка од дозволата. За него досега, рече таа, досега од јавното претпријатие не е побарано никакво барање за измена , што е обвска со издавањето на дозволата.