Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 600 денари

НОВИ СЛУЧАЕВИ НА БОЛЕСТА СИПАНИЦИ КАЈ ОВЦИ И КОЗИ– НЕМА ОПАСНОСТ ЗА ЛУЃЕТО

16.07.2026
Агенција за храна и ветеринарство

Од почетокот на месец јули 2026 година на територијата на Република Северна Македонија потврдени се вкупно 10 нови жаришта на болеста сипаници кај овци и кози. Болеста е потврдена во одгледувалишта во населеното место Саса, општина Македонска Каменица, село Соколарци, општина Чешиново – Облешево, село Бигла, општина Делчево, села Малино и Косевица, општина Свети Николе и село Сопот, општина Куманово. Притоа, вкупниот број на жаришта на територијата на Република Северна Македонија од првото потврдено жариште кон крајот на месец јануари 2026 година во село Лопате, општина Куманово до денес изнесува изнесува 17 со вкупно над 2.700 животни. Болеста е потврдена во 15 одгледувалишта на овци и 2 одгледувалишта на овци и кози.

Слика

 

Слика

Слика 

 

По добивањето на согласност за локација за закопување на животните, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе продолжи со депопулација на животните во новопотврдените жаришта во Македонска Каменица, Делчево и Свети Николе. До сега Агенцијата изврши депопулација (убивање на животните во одгледувалиштата) на над 1.400 животни, а во текот на денешниот ден Агенцијата спроведе депопулација на одгледувалиштето во с. Сопот, општина Куманово со примена на механички метод за евтаназија на животните.

 

Во текот на денешниот ден Агенцијата за храна и ветеринарство одржа работна средба со претставници на здруженија на одгледувачи на овци и сојузот на одгледувачи на овци на Македонија со цел запознавање на моменталната епидемиолошка состојба со болеста сипаници кај овци и кози во Македонија, моменталните проблеми со кои се соочуваат одгледувачите на овци, како и презентирање на мерките кои се превземаат од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство во однос на справувањето со болеста сипаници кај овци и кози. Дополнително, претставниците беа запознати со биосигурносните мерки кои треба да бидат превземени од сточарите во однос на своите стада и одгледувалиштата во нивната непосредна близина, како и споделување на печатени материјали за сточарите со цел подигнување на свеста за болеста и начинот на брзо информирање во однос на истата од страна на сточарите до Агенцијата, ветеринарните друштва односно официјалните ветеринари со цел навремено реагирање во справувањето на болеста.

Слика

Слика

На состанокот се разговараше за контролните и заштитни мерки кои се превземаат од страна на Агенцијата за справување со болеста.

 

Во одгледувалиштата каде е потврдeнa болеста сипаници кај овци и кози се спроведува попис на сите животни на одгледувалиштето, убивање на сите овци и кози на одгледувалиштето под официјален надзор, нештетно отстранување на мршите од овците и козите кои угинале или се убиени, простирката, цврстото и течното ѓубре за кои постои сомнение дека се контаминирани, како и храната за животни, млекото и производите од млеко, како и волната од животните под официјален надзор, сите материјали за еднократна употреба и предметите на одгледувалиштето кои неможат да се дезинфицираат, чистење и дезинфекција на просториите и просторот каде биле сместени овците, возилата користени за превоз на овците или нивните мрши и опремата во одгледувалиштата, спроведување на епидемиолошко испитување за утврдување на можниот извор и ширење на болеста, како и откривање на  контактни одгледувалишта и примена на биосигурносните мерки при спроведување на попис, епидемиолошко испитување, земање на примероци и постапки за депопулација и нештетно отстранување.

 

Дополнително, постои забрана за движење и превоз на сите овци и кози во и од заштитната зона, освен за движење на приемчивите животни со цел колење во одобрен објект и оператор со храна – кланица за домашни чапункари во зоните. Пред да бидат натоварени животните треба да бидат клинички прегледани, вклучувајќи и мерење на телесна температура и водење на евиденциски листи, при што не треба да покажуваат знаци на присуство на болест. Од закланите овци и кози доколку е поставен сомнеж треба да се земат примероци за лабораториско испитување за утврдување на присуство на болеста сипаници кај овци и кози. Потребно е спроведување на епидемиолошко испитување во сите одгледувалишта на овци и кози, за да се утврди можниот извор и ширење на болеста, спроведување на клинички преглед на одгледувалишта на овци и кози при појава на сомнеж и задолжително земање на примероци за лабораториско испитување, нештетно отстранување на опремата која не може да се дезинфицира, простирката, цврстото и течното ѓубре за кои постои дека се контаминирани, како и храната за животни, задолжително пријавување на секој сомнеж на болест или угинување кај  приемчивите животни во рок не подолг од 24 часа од страна на сопствениците на животните или надлежното ветеринарно друштво до официјалниот ветеринар и забрана за промет на производите од животинско потекло добиени од овци и кози кои потекнуваат од заштитната зона.

 

Суровото млеко добиено од животните (овци и кози) и производите добиени од тоа млеко може да се стават во промет по термички третман/пастеризација на 72°C во времетрање од 15 минути на одгледувалиштето или во одобрен објект и оператор со храна од животинско потекло – сурово млеко и производи од млеко во зоната. Забранет е превоз и транзит на овци и кози низ заштитната зона и зоната под надзор од останатата територија на земјата, освен транзит по магистрални патишта. Донесена е забрана за работа на добиточни пазари на целата територија на Република Северна Македонија за овци и кози, одржување на изложби или друг вид на спортски настани.

 

На сите одгледувачи на овци и кози на целата територија на земјата им се наложува ограничување на секое непотребно движење на лица, возила, опрема и механизација во и од одгледувалиштето и водење на евиденција за сите лица и возила кои влегуваат и излегуваат од одгледувалиштето. При секој влез и излез од одгледувалиштето задолжително да се применуваат биосигурносни мерки кои вклучуваат користење на чиста заштитна облека и обувки наменети исклучиво за употреба во одгледувалиштето, миење и дезинфекција на рацете пред и по контакт со животните, поставување и користење на дезинфекциски бариери или средства за дезинфекција на влезовите и излезите и чистење и дезинфекција или нештетно отстранување на употребената опрема, обувки и облека.

 

На сите одгледувачи на овци и кози на целата територија на земјата им се наложува да не внесуваат нови животни во стадото без претходено извршен клинички преглед и сертификат за здраствена состојба на животните. Нововнесените животни да се држат одвоено од останатото стадо во период препорачан од официјалниот ветеринар. Дополнително, да не се користат заеднички поила и хранилишта со животни од други одгледувалишта, да не се врши напасување на животни со непознат здравствен статус или напасување со овци и кози од друго одгледувалиште, да се врши редовно чистење и дезинфекција на објектите, опремата, превозните средства и местата за товарење и истовар на животните

 

Донесена е забрана за повторно населување на  животни на одгледувалиштата каде е потврдена болеста за период од шест месеци од датумот на укинување на мерките од решението за заштитни и контролни мерки. Овие мерки се применуваат во рок од 60 дена од денот на донесувањето на решението.

 

Во текот на вчерашниот ден, на итен состанок во Агенцијата за храна и ветеринарство беше одржан состанок на експертската група за болеста чума кај мали преживари и сипаници кај овци и кози. На истиот, беше презентирана епидемиолошката состојба со болеста во Македонија и регионот, се разговараше за моменталните мерки кои се превземаат од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство за справување со жариштата, како и позитивните и негативните страни од можната примена на вакцинација како метод за справување со болеста во Македонија.

Слика

Ознаки
Категорија