Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 600 денари

Учениците во Кратово беа едукцирани за одговорно користење на дигиталните платформи при купување на храна и додатоци во исхрана

11.05.2026
Насловна слика

Чаевите и препаратите за слабеење кои се продаваат преку интернет или со агресивен маркетинг често содржат непроверени состојки и можат да предизвикаат сериозни здравствени последици, особено доколку се користат без стручен совет. Ова беше потенцирано на вчерашната едукативна работилница за учениците од кратовското средно училиште Митко Пенџуклиски, на тема  „Електронска трговија на храна, медиумска промоција и рекламирање на храна, додатоци во исхрана и храна за спортисти – Вистинска приказна или заблуда“, која се одржа во  рамки на активностите предвидени со „Програмата за заштита на потрошувачи“, донесена од страна на Владата на Република Северна Македонија, на предлог на Агенцијата за храна и ветеринарство и во соработка со Министерството за образование и наука.

Работилницата беше организирана со цел подигнување на свеста кај младите за безбедноста на храната, одговорното користење на дигиталните платформи и препознавањето на вистинити и проверени информации при купување и промоција на храна и додатоци во исхрана преку интернет и социјалните мрежи.

Слика

 

Преку интерактивна дискусија, учениците имаа можност да се запознаат со ризиците од непроверени производи кои се нудат на интернет, начинот на препознавање на манипулативно рекламирање, како и со законските обврски поврзани со декларирањето, рекламирањето и продажбата на храна, додатоци во исхрана и храна за спортисти.

Во рамки на работилницата, особено внимание беше посветено и на штетните последици од прекумерната употреба на енергетски пијалоци, чаеви за слабеење и производи со вештачки бои и адитиви. Учениците беа информирани дека честата и неконтролирана консумација на енергетски пијалоци може негативно да влијае врз кардиоваскуларниот и нервниот систем, особено кај младата популација, предизвикувајќи несоница, зголемен крвен притисок, тахикардија и нарушена концентрација.

Во едукативниот дел беше обработено и влијанието на одредени вештачки бои и адитиви врз здравјето на потрошувачите, со акцент на можните несакани ефекти кај децата и младите, како што се хиперактивност, алергиски реакции и други здравствени нарушувања при прекумерна употреба на производи кои ги содржат.

Слика

Особен интерес кај учениците предизвикаа темите поврзани со влијанието на инфлуенсерите и социјалните медиуми врз потрошувачките навики, како и препознавањето на лажни ветувања и дезинформации во маркетингот на производите поврзани со исхрана, спорт и здрав живот.

 

Агенцијата за храна и ветеринарство и понатаму ќе продолжи со реализација на едукативни активности низ училиштата во државата, со цел јакнење на потрошувачката култура, заштита на здравјето на граѓаните и поттикнување на информирано и одговорно однесување кај младите потрошувачи.

Со ваквите активности се потврдува значењето на континуираната едукација како важен сегмент во создавањето на свесни и информирани потрошувачи

Ознаки
Категорија