Агенцијата за храна и ветеринарство во соработка со Факултетот за ветеринарна медицина од Скопје започна серија еднодневни специјализирани обуки за подигнување на свеста за африканската чума кај свињите, при што во рамките на обуките посебен акцент ќе биде ставен и на класичната чума кај свињите, беснилото и авијарната инфлуенца а кои се наменети за одгледувачите на животни, ловците, надлежните доктори по ветеринарна медицина и официјалните ветеринари.

Првите две обуки се одржаа во Велес, на 19.11 и 20.11.2025 година, на која учество зедоа околу 100 учесници, меѓу кои претставници на двете здруженија на одгледувачи на свињи „Гицко“ и „Македонско прасе“, претставници од Ловечката федерација на Македонија, ЈП Национални шуми од Велешкиот регион, претставници и официјални ветеринари од АХВ, како и претставници од Македонската ветеринарна комора. Целта на обуките е да се запознаат учесниците со ризиците, начините на ширење на болеста и мерките за превенција и биосигурност.
Како дел од пошироката кампања за информирање на јавноста, Агенцијата за храна и ветеринарство исто така обезбедува и дистрибуција на информативни материјали, вклучувајќи постери, флаери и брошури, кои ќе бидат достапни за одгледувачите, ловците, ветеринарите и и јавноста. Дополнително, кампањата предвидува и емитување на радиоинформативни спотови на локални радиостаници, со цел да се достигне поширока публика и да се поттикне раното пријавување на сомнителни случаи.
о овој сет на активности се очекува зајакнување на знаењето за превенција и контрола на африканската чума, подигнување на јавната свест за ризиците за здравјето на животните, поттикнување на раното пријавување на сомнителни случаи и зголемен број доставени примероци за пасивен надзор на болестите африканска чума кај свињите, класична чума кај свињите и беснило, како и промовирање на одговорно однесување и биосигурносни мерки во одгледувалиштата, ловиштата и националните паркови.

На еднодневните обуки е предвидено учесниците да се запознаат со препознавањето на болеста африканска чума кај свињите, ризиците и начините на внесување и ширење на африканската чума кај свињите во одгледувалиштата, ловиштата и националните паркови. Обуките ќе опфатат информации за штетните последици од појавата на болеста, значењето на раното пријавување, постапките за убивање и нештетно отстранување на заразените животни, како и безбедното земање, пакување, означување и транспорт на примероците и изготвување пропратна документација. Дополнително, учесниците ќе се запознаат со идентификацијата на пол, фенотипските карактеристики и старосните категории кај дивите свињи, како и примената на биосигурносни мерки во одгледувалиштата, ловиштата и националните паркови. Посебни делови од обуките ќе бидат посветени и на препознавањето на болестите беснило и авијарна инфлуенца, како и на значењето на раното пријавување и спроведувањето на кампањата за орална вакцинација на лисиците со вакцинални мамки против беснило.

Агенцијата за храна и ветеринарство во наредниот период ќе продолжи со реализација на ваков тип на обуки во повеќе градови во Македонија, меѓу кои Битола, Гостивар, Куманово, Охрид, Штип, Гевгелија и Скопје. Обуките се организираат со средства од Буџетот на Агенцијата, а се кофинансирани од Европската извршна агенција за здравје и дигитализација (HADEA)