Глобалната церемонија за одбележување на Светскиот ден на храната се одржа на 16 октомври 2024 година во седиштето на ФАО во Рим, при што учесниците ја истакнаа потребата од универзален пристап до доволно разновидна, нутритивна, достапна и безбедна храна.
Настанот се одржа во услови на растечки глобални тензии и конфликти, како и климатски промени, кои се меѓу факторите кои придонесуваат стотици милиони луѓе ширум светот да се соочат со глад и милијарди кои не можат да си дозволат здрава исхрана.
Истакнувајќи дека храната е основно човеково право, во својот воведен говор, КУ Донгју, генерален директор на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), ја опиша овогодинешната тема на Светскиот ден на храната „Право на храни за подобар живот и подобра иднина“ (Right to Foods for a Better Life and a Better Future) како навремено потсетување дека сите луѓе имаат право на соодветна храна. Тој повика на обновена „заложба за изградба на поефикасни, поинклузивни, поотпорни и поодржливи земјоделски системи за храна кои можат да го нахранат светот“.
Со оглед на тоа што околу 730 милиони луѓе се соочуваат со глад и повеќе од 2,8 милијарди луѓе на глобално ниво не можат да си дозволат здрава исхрана, генералниот директор предупреди: „Нема време за губење, мора итно да се преземе акција“.
Светскиот ден на храната се слави секоја година на 16 октомври, симболично означувајќи го денот на основање на ФАО во 1945 година, а годинава беше одбележан во повеќе од 150 земји и на над 50 јазици.