Детално дефинирање на чекорите неопходни за справување со непосредниот ризик од болеста чума кај малите преживари (PPR), беше денешната тема на работилницата за стратегии за превенција и контрола на оваа болест, на чие отворање денес присуствуваше директорот на Агенција за храна и ветеринарство ( АХВ), Оливер Миланов. Работилницата беше реализирана во рамки на проектот “Градење капацитетите на ветеринарните и фитосанитарните служби во Западен Балкан - Лот 1 - Здравје на животните“ - ADEWB II.
Работилницата ја водеше д-р Цвијатко Александров, експерт од проектот ADEWB II за болеста чума кај малите преживари, кој ја презентираше актуелната состојба со болеста во Европа, критичните точки кои се идентификувани од мисиите на експерти од ветеринарниот тим за итни случаи на Европската комисија (EUVET) за болеста чума кај малите преживари во Грција и Романија, како и новините во европската легислатива во однос на оваа болест.
На работилницата на која присуствуваа претставници од АХВ и официјални ветеринари, од Ветеринарниот факултет, претставени беа подготвителните активности на нашата земја во однос на справувањето со болеста при евентуално нејзино појавување, мерките на надзор кои ги презема АХВ, национално законодавство и лабораторискиот капацитет.
Дискусиите и размената на искуствата беа во насока на прецизирање на важноста и модалитетите за надзор за рано откривање на болеста, спроведување на надзор за постигнување и одржување на статусите на Светската организација за здравствена заштита на животните ( WOAH), правилата за вакцинација, спроведување на поствакцинален надзор, вклучително и за мерките кои треба да се преземат за забрани за движење на животни и производи во зоните за вакцинација, враќање на претходниот здравствен статус на животните и сите аспекти поврзани со трговијата.
Акцент на работилницата беше ставен и на обезбедувањето финансиски и човечки ресурси и планирањето за вонредни ситуации, убивањето на животни и отстранување на труповите, спроведувањето на симулациски вежби, како и за важноста на регионалниот пристап, комуникација и координација меѓу земјите во справувањето со болеста.
Целта на работилницата е подобра подготвеност на ветеринарните служби со цел спречување на појава на болеста во земјава, или ефикасно справување при евентуална нејзина појава.