Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 2500 денари

Концептот „Едно здравје“ не обединува во борбата против антимикробната отпорност

14.12.2023
Концептот „Едно здравје“ не обединува во борбата против антимикробната отпорност

“Подигнувањето на свеста за ризиците по здравјето и на животните и на луѓето, но и девастирањето на животната средина предизвикани од отпорноста кон антибимикробните средства, е тема на која континуирано работиме, како институција промовирајќи добри практики за нивна рационална употреба, со единствена цел, ограничување на појавата и ширењето на отпорни микроорганизми. Годинашното мото на светската кампања за одговорна употреба на антибиотиците не повикува сите вклучени во концептот „Едно здравје“, нам креаторите на политики, давателите на здравствени услуги и општата јавност да бидеме лидери во подигнувањето на свеста за антимикробната отпорност” – рече Николче Бабовски, директор на Агенција за храна и ветеринарство и генерален секретар на Светската организација за здрaвствена заштита на животните – WOAH на денешното обраќање на панел дискусијата “Заеднички во спречување на антимикробната отпорност”, која ја организира Здружението за одржлив развој БИОМ Скопје и Мултисекторска комисија за  контрола на АМО при Министерство за здравство на РСМ со поддршка на Светска здравствена организација  - регионална канцеларија за Европа.

За справување со овој глобален проблем, следејќи ги насоките на светските и европските надлежни институции, Агенцијата за храна и ветеринарство ја спроведува Програмата за антимикробна отпорност и Годишниот план за мониторинг на антимикробна отпорност. Резултатите од нив и тековното движење на антимикробната отпорност во областа на ветеринарството се јавни, а податоците, дополнително, се доставуваат и до Европската Агенција за безбедност на храна. Токму тие се дел од Националните извештаи за движењето на зоонозите и антимикробната отпорност за секоја година поединечно.

 

Концептот „Едно здравје“ не обединува во борбата против антимикробната отпорност

 

- Програмата за антимикробна отпорност е усогласена со европската легислатива и заснована е на најновите научни мислења во оваа област, обезбедувајќи континуитет во проценката на идните трендови на ова поле. Во соработка со Мултисекторската комисија за контрола на антимикробната отпорност при Министерството за здравство и учеството во телата на Кодекс алиментариус (Codex Alimentarius), Светска здравствена организација и Европската Агенција за безбедност на храната (EFSA) исклучително активни сме и на меѓународен план – истакна тој.

Постоечките законски и подзаконски акти кои ја уредуваат оваа материја, додаде Бабовски, го дефинираат правилното и одговорно користење на антимикробни ветеринарно медицински препарати преку обезбедување на соодветна платформа за спречување или намалување на развојот на резистентни микроорганизми кај животните и луѓето со цел заштита на здравјето на потрошувачите преку обезбедување на безбедна храната од животинско потекло наменети за исхрана на луѓето.

- Не помалку важно е и спречувањење и намалувањето на директните и индиректните преноси на резистентни микроорганизми кај животните и од животните на луѓето, спречување на контаминација на храната од животинско потекло со резидуи од антимикробни средства над утврдените максимално дозволените нивоа, но и исполнување на етичките критериуми за благосостојба на животните. АХВ има воведено стриктни критериуми во одобрувањето, прометот и употреба на ветеринарно медицинските препарати, забрана на употреба на одредени фармаколошки супстанции и ограничување на употребата на други согласно Законот за ветеринарно медицински препарати – потенцира Бабовски.


Преку уредувањето на критериуимите за одговорно и рационално користење на антибиотици во ветеринарната медицина и обезбедување на усогласеност со барањата пропишани согласно Законот за безбедност на храната, креирана е основата за спроведување на мониторинг на антимикробната отпорност преку која обезбедуваме компаративни податоци за појавата на антимикробната отпорност кај предизвикувачите на зоонози, доколку тие претставуваат закана за јавното здравје, со единствена цел, инкорпорирање на активностите во рамки на својата надлежност во Националната стратегија за борба против антимикробната отпорност.

- Европската комисија повикува на итна акција. Справувањето со антимикробната резистенција е врвен приоритет за неа и составен дел на многу активности во рамки на Европската здравствена унија. Европскиот центар за превенција и контрола на болести евидентира одреден севкупен напредок во периодот 2019-2022 година кон целта да се намали употребата на антимикробни средства за 20% до 2030 година, но, за жал, КОВИД кризата во 2022 година повторно ја зголеми нивната употреба, заклучи директорот Бабовски.

Билјана Стројмановска, раководител на Одделението за ветеринарно медицински препарати при АХВ, учесник на паел дискусијата ги објасни надлежностите на Агенцијата за храна и ветеринарство во однос на антимикробната отпорност, состојбата со употребата на антибиотиците во ветеринарната медицина во земјава, согласно податоците кои Агенцијата ги пријавува во Светската организација за здравствена заштита на животните – WOAH, а презентирана беше и програмата за мониторинг  на антимикробната отпорност која ја спроведува АХВ. Таа пред присутните ги објасни идните предизвици на Агенцијата  на полето на антимикробната резистентност, стратегиите и акциските планови кои треба да се преземат за следење на современите трендови во оваа област согласно активностите на WOAH и ФАО. Презентирани беа идеите за  спроведување на кампања за  подигнување на јавната свест за одговорна употреба на антимикробните средства во ветеринарната медицина и за антимикробната отпорност и обуките наменети за одгледувачите на добиток за одговорна употреба на антибиотиците во лечењето на животните.

 

Концептот „Едно здравје“ не обединува во борбата против антимикробната отпорност

 

Свое обраќање на панел дискусијата имаа и Фатмир Меџити, министер за здравство, Шабан Мемети, директор на Институтот за јавно здравје, а Ане Јохансон, шеф на Канцеларијата на СЗО во Северна Македонија пред присутните се обрати преку видео изјава. На двата панела -  Важноста на концептот Едно здравје во борбата против антимикробната отпорност и Нерационално  препишување и употреба на антибиотици  - еден проблем повеќе решенија, стручни презентации имаа и претставници од скопскиот и штипскиот Медицински факултет, Факултетот за ветеринарна медицина од Скопје,  Фонд за здравствено осигурување на РСМ,и од лекарската, фармацевтската и ветеринарната комора. 


Со почит, 
Агенција за храна и ветеринарство
 

Ознаки
Категорија