Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 2500 денари

Нема небезбедна вода на македонскиот пазар

06.03.2020
Нема небезбедна вода на македонскиот пазар

Aгенцијата за храна и ветеринарство најостро ги демантира и осудува обидите на интернет портaлот dokazmakedonija.mk, кој паушално, неаргументирано во јавноста шири лаги дека на македонскиот пазар се продава небезбедна пакувана вода и ги повикува граѓаните да не ја купуваат и користат. Како одговорна институција за контрола на безбедноста на храната, вклучително и за пакуваната  и водата која ја користат граѓаните од јавните водоснабдителни системи, ја информираме јавноста дека водата е безбедна и таа редовно се контролира.

Поради неоснованото ширење на лаги и создавање на паника кај населението од страна на овој интернет портал со вчера објавениот напис „Ги повикуваме сите надлежни инспекторати и органи, јавно да се произнесат и да преземат мерки за испитување на содржината на водата за пиење која се продава насекаде низ државата !“,  апелираме до граѓаните да не наседнуваат на вака грубо пласираните и непроверени лажни вести, особено не од медиум кој не ги запазува основните новинарски стандарди во информирањето и нема позната уредувачка структура и политика.

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство вршат континуирани контроли на домашниот пазар каде може да се продаваат исклучиво одобрени од АХВ производи на природни минерални води, изворски води и други пакувани води, од домашно производство и од увоз. Операторите со храна (вклучително и оние кои произведуваат и пакуваат вода) врз основа на законската обврска согласно имплементираниот HACCP  план, имаат законска обврска и вршат редовни контроли на безбедноста и квалитетот на водите со вршење на лабораториски испитувања.

На домашниот пазар согласно Законот за безбедност на храната и одредбите од подзаконските акти кои ја уредуваат оваа материја се продава исклучително пакувана вода која ги задоволува највисоките стандарди за безбедност и квалитет и издадено одобрение од Агенцијата за храна и ветеринарство добиено врз основа на извршени  лабораториски испитувања за безбедност и квалитет на водата во акредитирани лаборатории, со акредитирани методи, каде се вршат испитувања на сите параметри предвидени со Правилникот за посебните барања за безбедност на природната минерална вода. Одобренијата се издаваат и врз основа на доставените податоци за извршените геолошко - хидролошки испитувања, согласно Правилникот, кои ги проценува посебна Комисија.

За сите издадени одобренија, Агенцијата за храна и ветеринарство води  Регистар на одобрени производи на природни минерални води, изворски води и други пакувани води на одобрени производи од групата минерални води (https://drive.google.com/file/d/1yHe7-cae8CQVyqgo5jvwWWlXCPsoy11z/view), во кој во моментов се регистрирани 82 оператори.

За увозна минерална вода, неопходно е операторот да обезбеди доказ дека производот е внесен во Регистарот на природни минерални води во земјата производител со што потврдува дека истата е одобрена. Одобрувањето на увозните води за пласман на домашниот пазар го врши Комисија за одобрување на минерални води при Агенцијата за храна и ветеринарство, врз основа на извршени лабораториски тестирања со кои се потврдува нејзината безбедност.

Агенцијата за храна и ветеринарство, континуирано го следи мониторирањето на водата од јавните водоснабдителни објекти кое го врши Институтот за јавно здравје и согласно законските надлежности, врши контрола дали локалната самоуправа постапува и согласно законската обврска го известува населението  за небезбедноста на одредена вода, како и дали се превземаат мерките за обележување на чешмите каде со мониторингот  на Институтот за јавно здравје е детектирана небезбедна вода за пиење. Исто така, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство контролираат  дали локалната самоуправа и јавните водоснабдителни објекти постапиле по издадените наредби од Агенцијата за отстранување на евентуално констатираните недоследности кога е безбедноста на водата во прашање. 
 

Ознаки
Категорија