Датум: 02.03.2020 година
Предмет: Демант
Македонските граѓани јадат безбедна храна, од домашно производство и од увоз, а истата редовно се контролира од страна на официјалните ветеринари и инспекторите за храна. Дилетантски и неосновани се обвинувањата на дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, изнесени на денешната прес конференција, со која се обиде да внесе страв кај граѓаните дека јадат небезбедна храна, свесно неосновано обвинувајќи ја Агенцијата за храна и ветеринарство, дека од јуни до ноември минатата година, поради неспроведување на мониторинг на безбедноста на храната, не се вршеле никакви проверки на нејзината безбедност.
Минатата година и во посочениот временски период, од увоз и од домашното производство и промет, земени и лабораториски биле испитани биле вкупно 6929 мостри само од храна од животинско потекло. Дополнително од увоз испитани се и 376 мостри од храна од животинско потекло, храна за животни и нус производи од животинско потекло.
Трипуновски досега требаше да научи дека официјалните контроли се основа за контрола на безбедноста на храната и нив инспекциските служби на АХВ секојдневно ги спроведуваат.
Мониторинг програмите за безбедност на храната, се испитувања кои се вршат покрај официјалните контроли и претставуваат само поширок показател и основа за анализирање на ризикот и база за планирање на спроведувањето на официјалните контроли.
Како одговорна институција за безбедноста на храната, храната за животни и здравјето на потрошувачите, апелираме Трипуновски место неосновано да обвинува и застрашува граѓаните дека јадат небезбедна храна, да научи што е мониторинг, а што официјални контроли. Официјални контроли Агенцијата спроведува секојдневно, во текот на целата година, а мониторингот, може и се спроведува во кој било период од годината.
Постапките за јавните набавки за вршење на лабораториски испитувања на безбедноста на храната од животинско и неживотинско потекло Агенцијата за храна и ветеринарство ги има започнато уште во февруари и истите се завршени согласно законските процедури.
Апелираме до граѓаните да им веруваат на институциите кои се грижат за безбедноста на храната и храната за животни и да не подлегнуваат на лажните политикантски обвинувања со кои кај нив неосновано се креира страв и паника дека јадат небезбедна храна.