На покана на Бугарската агенција за безбедност на храната, директорот на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) Зоран Атанасов, денес и вчера со претставници на Агенцијата учествуваше на дводневен, регионален состанок во Софија, Република Бугарија на која претставници од ветеринарните власти од регионов дискутираа за состојбата со болеста африканска свинска чума во регионов и за другите особено опасни заразни болести.
Стручни лица од Агенцијата за храна и ветеринарство ги презентираа мерките што ги презема државава за намалување на ризикот од евентуален внес и спречување на ширење на болеста и за преземените активности за намалување на штетните последици при евентуална појава на африканска свинска чума во земјава.
На состанокот детално беше презентирана состојбата со болеста во Романија и соседна Бугарија и проблемите со кои се соочуваат овие земји при контрола на болеста кај домашните и дивите свињи. Во насока на зајакнување на регионалната соработка во контрола на болестите, во акцент на состанокот беше ставен на контролата на популацијата диви свињи, како резервоар на болеста африканска свинска чума кој тешко се контролира.
Поради сериозноста на болеста и големите економски последици кои таа ги причинува, договорено беше, регионални средби од ваков тип да се одржуваат на секои шест месеци.