Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 2500 денари

Препораки за заштита од високи температури

06.08.2019
Препораки за заштита од високи температури

Новото најавено зголемување на дневните температури, кои според метеоролозите во одредени региони ќе надминат 40 степени Целзиусови, ги зголемуваат ризиците од појава на труење со храна. Високите температури претставуваат потенцијална опасност и за здравјето на животните доколку за нив, навреме не се преземат мерки за обезбедување на доволни количини безбедна храна и вода за пиење.

За да се спречи појава на труење со храна, неопходно е да се направи правилен избор при нејзина набавка, да се обезбеди соодветен транспорт и услови за чување. Да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и соодветното чување, да се купува храна од проверени места каде има услови и каде производите, особено лесно расипливите од животинско потекло се чуваат во разладни уреди.

Да се избегнува да се купува и консумира храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), разладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето, а лесно расипливата храна како што е месото, млекото јајцата и друго да не се чуваат долго време во автомобили и во други транспортни средства. Да се одбегнува купување на и разладена или замрзната лесно расиплива храна која се чува надвор од ладилник или замрзнувач.

Разладената храна да се чува на температура пониска од 5 степени Целзиусови, а храната која треба да се зготви термички да се обработи на темпeрaтура повисока од 60 степени Целзиусови. Овошјето и зеленчукот пред употреба темелно да се измијат под млаз вода, месото, млекото и јајцата термички добро да се обработат. 
По подготовката, изладена, храната да се чува во фрижидер. На најгорните полици да се чува зготвената храна, а на подолните суровата. Храната да се заштити од инсекти, глодари и од домашните миленичиња и другите животни кои може да дојдат во контакт со неа. 

 

Препораки за заштита од високи температури

 

Ако се јаде во угостителските објекти, водете сметка тоа да се оператори со храна кои водат сметка за хигиената и безбедноста на храната и да имаат добра репутација. Во објектите за брза храна одбегнувајте ги додатоците кои не стојат во ладилник како што се мајонез, кечап, крем салати, сосови, преливи и слично.
Доколку сметате дека храната не е безбедна, не ризикувајте – фрлете ја!

Порастот на температурите претставува стрес за секое животно кој може да се манифестира со намалено консумирање на храна, зголемена потреба за вода, намалено производство на млеко и слаб прираст.
Висок процент влага и недоволна вентилација во објектите може да биде причина за појава на топлотен удар кај животните, а сончаницата се појавува како последица на непосредно, директно изложување на сонце. Исходот може да биде фатален и во двата случаи доколку не се делува на време. Напорната работа или транспортот на животните при високи температури, дополнително придонесува за влошување на состојбата.

Забрзано и плитко дишење, несигурен од - (тетеравење), изразена зголемена телесна температура, забрзан пулс, исплашен поглед, зголемена жед, тикови и грчеви на мускулите кои се јавуваат на крај, со неповолна прогноза, се дел од симптомите по кои може да се препознаат топлотниот удар и сончаницата кај животните за што е неопходна итна реакција.

Во вакви услови животното треба да се смести во ладовина или во разладена просторија, каде има доволно количество на свеж воздух, да му се даде доволна количина свежа вода. Телесната температура да се намали со туширање/прскање со умерено ладна вода, или со покривање на главата и вратот со ладна и влажна крпа, но, треба да се внимава ладењето на животното да не биде премногу брзо.
Сопствениците на домашни миленици животните да не се оставаат во затворен автомобил кој е директно изложен на сонце, а треба да водат сметка и да избегнуваат нивни прошетки во текот на најтоплиот период од денот. На животните да им се обезбеди доволна количина и постојана достапност до свежа и чиста вода и престој во проветрени простории.

На фармите да се внимава на населеноста (густината) на сместување на животните во објектите. Животните треба да бидат заштитени од директните дејства на сончевите зрачења, односно на испустите потребно е да има натстрешници или природни ладовини. Излегувањето на животните да се врши во раните утрински или вечерни часови, периоди кога треба да се организира и транспортот на животните или тие да се користат во работни активности, бидејќи тогаш температурите се пониски.

Ознаки
Категорија