Почна кампањата на АХВ за одговорно сопствеништво

05.12.2019
Почна кампањата на АХВ за одговорно сопствеништво

Секој одговорен сопственик треба да ги микрочипира домашните миленици, а нивното напуштање е казниво со закон. Ова се двете пораки кои од денеска по скопските улици ќе ги пренесува автобусот број „2“ како дел од кампањата за благосостојба на животните што ја спроведува Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Автобусот што сообраќа на реалацијата Автокоманда - Сарај е веќе облепен со паролите и така ќе вози низ градот еден месец.

Кампањата е за одговорно сопствеништво, официјално почнува денеска и е во рамки на ИПА проектот „Подобрена имплементација на законодавството во делот на здравјето на животните, безбедноста на храната и фитосанитарната област и соодветните информациски системи”. Во оваа кампања, акцентот на предвидените активности (работилници и едукативни настани со деца) е ставен на потребата од стерилизација и микрочипирање на милениците како едни од основните мерки за намалување на популацијата бездомни животни.

 

Почна кампањата на АХВ за одговорно сопствеништво

 

-Уште еднаш сакаме да укажеме на обврската за одговорно сопствеништво. Потсетуваме и апелираме сопствениците до крајот на годинава да ја искористат можноста за бесплатно микрочипирање на милениците. Рокот трае до 31 декември, рече директорот на АХВ, Зоран Атанасов на промотоивниот настан во Министерството за земјоделство.
Тој упати благодарност до Делегацијата на Европската унија за континуираната поддршката во реализацијата на овој важен проект, како и за досегашната поддршка  и соработката, во постигнување на заедничките цели. Според евиденцијата на АХВ, во земјава досега со микрошип се идентификувани вкупно 72.311 миленици, од кои најмногу кучиња.

Здравствената заштита на животните и нивната благосостојба се на најнвиоско ниво во ЕУ, а надлежните се обидуваат тоа да го пренесат и кај земјите аспиранти за членство. Како што истакна проектниот менаџер Костас Супилас, се применуваат и правила за здравје на растенијата кои, исто така, треба да станат пракса во потенцијалните членки на Унијата. Затоа се и ИПА проектите, како вид поддршка во оваа насока.

-Лани беше забележан голем напредок во хармонизацијата на законодавството во вашата земја, но и натаму има области кои треба да се подобрат, а тоа се безбедноста на храната, благосостојбата на животните, контролата на штетни организми и употребата на пестициди. Овие прашања ќе се земат предвид во овој проект, напомена Супилас.

Министерот за земјоделство Трајан Димковски подвлече дека заштитата на здравјето на луѓето, животните и растенијата кај нас се приоритет. Но, моментно, се соочуваме со предизвици во однос на исполнувањето на фитосанитарните барања за земјоделските производи од пакетот на европското законодавство за официјални контроли кои стапуваат во сила за неполни два дена.

 

Почна кампањата на АХВ за одговорно сопствеништво

 

-Во овој контекст, потребно е градење цврсти институции кои ќе гарантираат спроведување и почитување на европските стандарди. Од друга страна, потребни се земјоделски производители кои ќе работат согласно новите барања посебно во однос на одржување и контролирање на здравјето на растенијата и правилната употреба на пестидици, рече Димковски. 

ИПА проектот почна во јануари годинава, а треба да заврши во декември 2020 година. Финансиран е од ЕУ со 1,6 милиони евра. Се очекува да ги зајакне административните капацитети на институциите и да ги подобри контролите во интегрираниот систем на безбедноста на храната. Голем дел од проектните активности се насочени кон кампањата за одговорно сопствеништво, односно благосостојба на животните, но, ќе се спроведат уште три: за квалитет на сурово млеко, за означување храна и за систем за нештетно отстранување нус-производи од животинско потекло. Проектот треба да спречи внесување карантински штетни организми, употреба на заштитини препарати при производство на храна, како и нивна ефикасна контрола.

Министерот најави дека следната, 2020-та, ќе биде Меѓународна година на здравјето на растенијата. Земјава ќе се вклучи во одбележувањето преку информативни кампањи, трибини и промоции под мотото „Здрави растенија, здрав живот“. 

 

Почна кампањата на АХВ за одговорно сопствеништво


 

 

 

Ознаки
Категорија