Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 2500 денари

Почнува сезоната на колење свињи-заштитете се себе си и околината

20.11.2019
Почнува сезоната на колење свињи-заштитете се себе си и околината

Во услови на максимално подигнати безбедносни мерки за заштита од појава и ширење на вирусот на болеста африканска свинска чума во нашата земја и интензивирање на активностите на колење на свињи во селските домаќинства, Агенцијата за храна и ветеринарство апелира оваа активност да се изврши крајно внимателно, со преземање на сите безбедносни мерки пред, за време, по колењето, конфекционирањето и подготовката на месото.


За да се елиминира секаква можност од евентуална појава и спречување на вирусот на африканска свинска чума и други болести, но, и заради лична заштита, неопходно е да се води сметка колењето на свињите да се изврши во ограден простор (начесто двор), каде пристап нема да имаат други животни и домашни миленици. Површината на која ќе се врши колењето (бетонска или друг тип на површина која лесно се одржува), треба да може лесно да се измие со вода и да се дезинфицира.


Исклучително важно е оваа активност да се врши во присуство на што е можно помал број лица кои ќе бидат вклучени во колењето и конфекционирањето на месото. Пред почетокот да се изврши дезинфекција на облеката и алатот, а при колењето, лицата задолжително треба да носат заштитни ракавици.

 

Почнува сезоната на колење свињи-заштитете се себе си и околината

 

Доколку пред почетокот на колењето, сопственикот на добитокот забележи дека свињите манифестираат симптоми на треска, проследена со исклучително висока телесна температура, слабост во нозете, повраќање и дијареја, појава на црвенило или сино обоени делови од кожата, најмногу околу носот и ушите, кашлање и тешко дишење, ЗАДОЛЖИТЕЛНО да повика ветеринар од ветеринарното друштво кое се грижи за здравјето на животните.


Заради лична и заштита на животот и здравјето на членовите на поблиското семејство и на сите оние кои ќе го консумираат месото, Агенцијата за храна и ветеринарство апелира сопствениците на свињи да повикаат ветеринар од  ветеринарното друштво кое ќе направи проценка на исправноста  на месото и неговата употребливост и од аспект на заштита од други болести.


Да се спречи секаков контакт на домашните миленици и на другите животни на фармата со свињите кои се колат. Ним не треба да им се даваат ниту отпадоците од колењето како што се опашките, папците, цревата и некои од внатрешните органи. За да се спречи можноста остатоците од животните по колењето да бидат разграбани од други животни тие треба да се закопаат длабоко во земја, да се посипат со негасена вар и по можност да се затрупаат со камења.


Исклучително важно е по колењето да се изврши темелно чистење и дезинфекција со негасена вар или специјални дезинфициенси кои имаат широк спектар на делување против вирусите, не само на површината каде се вршело колењето, туку и на и во објектите каде се чувале животните. Процесот на колење на животните покрај тоа што треба да се спроведе на хигиенски начин, задолжително мора да се води сметка и за благосостојба на животните и нивна заштита од болка и страдање.

Ознаки
Категорија