Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 2500 денари

Се зајакнуваат биосигурносните мерки на свињарските фарми

14.09.2018
Се зајакнуваат биосигурносните мерки на свињарските фарми

Се зајакнуваат биосигурносните мерки на фармите со свињи во државава, а паралелно се спроведува и процесот на нивно категоризирање со цел утврдување на степенот на ризик и проценка дали и колку се спроведуваат мерките за здравствена заштита и благосостојба на животните. Ова го најави директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов при посетата на свињарската фарма ,,Агро софт,, од Велес, потенцирајќи дека ова е 78 категоризирана фарма за одгледување на свињи од евидентираните 90 со последниот попис кој го спроведе Агенцијата.

-Унапредувањето на биосигурносните мерки на фармите има исклучително големо значење за фармерите, од аспект на подобрување на здравствената заштита на животните, но и намалување на трошоците за лекување на животните. Заедно со предвиденото прекинување на превентивната вакцинација на свињите против болеста Класична свинска чума во 2019 година, тие ќе бидат основа за исполнување на препораките од Европската комисија за затворање на преговорите за Поглавјето 12, но и за да побараме од Европската унија, Република Северна Македонија да добие статус на слободна земја за извоз на свежо свинско месо на европскиот пазар- истакна директорот при посетата.

На почетокот на месецов, Агенцијата за храна и ветеринарство ги засили мерките за надзор и контрола на болеста Африканска свинска чума, чие присуство кон крајот на август беше потврдено и во соседна Бугарија во областа на Варна. Болеста е присутна и во Естонија, Латвија, Летонија, Белорусија, Украина, Полска, во Молдавија, Романија и Република Чешка и во Унгарија. Агенцијата, објасни Атанасов, донесе решение за забрана за увоз и транзит на свињи, производи и нус производи од свинско месо од овој регион во Бугарија со цел заштита од внесување на вирусот.

-- Африканската свинска чума не е болест која е опасна за луѓето, но, е високо заразна вирусна болест кај дивите и домашните свињи. Брзо се шири и предизвикува големи економски штети и загуби во свињарството. Болеста не се лекува, за неа не постои вакцина. Поради овие причини зајакнувањето на биосигурносните фарми е многу важно. Домаќинствата кои одгледуваат по неколку свињи и кои ги пуштаат на паша, животните да ги држат затворени, во соодветни објекти, со цел намалување на ризикот истите да дојдат во контакт со дивите свињи кои може да ја пренесат оваа болест – истакна Атанасов.

Ловџиите, до официјалните ветеринари или до најблиското ветеринарно друштво да го пријават секое угинување на диви свињи кое ќе го забележат при ловењето. Ветеринарните друштва, апелираше тој, да ја следат здравствената состојба на свињите и до официјалните ветеринари да го пријават секој сомнеж на појава на оваа болест.

АХВ-Алармирана е и Царинската управа на Македонија за воведување на дополнителни, засилени контроли, особено на личниот багаж на патниците (внесување на храна од животинско потекло - месо и производи од месо), преку кои може да се внесе болеста. Апелираме до сите оние кои ќе патуваат во соседна Бугарија, особено во областа Варна, при враќање во земјава, во личниот багаж да не носат храна од животинско потекло бидејќи истата ќе им биде одземена од страна на надлежните органи – објасни директорот Атанасов.
Сопственикот на свињарската фарма „Агро софт“, Александар Стојанов ја поздрави иницијативата на Агенцијата велејќи дека станува збор за болест што сериозно се шири и создава големи материјални штети на фармите.

-Ние презедовме мерки. Добро е што и Агенцијата контролира како тече спроведувањето на мерките, што е доволно, што не е и што треба дополнително да се спроведе. Дефинитивно, ние голем дел од мерките спроведовме штом слушнавме дека болеста се појавила во Романија и во Бугарија. Тоа значи дека болеста е многу блиску а луѓето гравитираат секаде. Друга потенцијална опасност е што многу луѓе дома чуваат свињи и да ги спомнам ловџиите кои ловат диви свињи преку кои болеста се пренесува. Ова значи дека имаме сериозна потенцијална опасност од пренесување на болеста и кај нас. Од голема полза е спроведувањето на биосигурносните мерки за да ја спречиме појавата на болеста на нашите фарми, рече Стојанов.

За едукација на комерцијалните одгледувачи на свињи и за фармерите за важноста од воведувањето на биосигурносните мерки на фармите, Агенцијата за храна и ветеринарство подготви и испечати Прирачник за воведување на биосигурносни мерки на одгледувалиштата на свињи. Прирачникот се дистрибуира до сите регистрирани одгледувачи на овој вид добиток, а истиот може да се преземе и од интернет страната на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Категорија