Кампања за подигнување на јавна свест за нус производи од животинско потекло

"Нуспроизводи од животинско потекло" се цели трупови или делови од трупови или производи од животинско потекло одредени согласно законот како нуспроизводи од категориите 1, 2 или 3 кои не се наменети за исхрана на луѓе, вклучително и јајце клетки, ембриони и семе.

Животинските нуспроизводи се цели тела од животни, делови од животни или производи од животинско потекло кои не се наменети за консумирање од страна на луѓето. Тие вклучуваат: трупови на животни и делови од животински мрши - вклучувајќи риби, содржината од дигестивниот тракт, ѓубриво од фармски животни, на пр. свињи, говеда и кокошки, јајници, ембриони кои не се наменети за размножување, крв, кожа, копита и рогови, школки и отпадоци од ракови, пердуви, волна, коса и крзно, а исто така и отпадоци од храна од животинско или рибно потекло кои повеќе не се наменети за консумирање од човекот - вклучувајќи јајца, млеко и масло за готвење што се користат за подготвување животински производи.

Месото, рибата и другиот материјал од животни стануваат животински нуспроизводи кога материјалот повеќе не е наменет за човечка консумација.

Агенцијата за храна и ветеринарство, како надлежен орган за прашањата поврзани со нус производите е посветена на обезбедување на одржливи подобрувања во тој правец. Изготвен е закон за нуспроизводи од животинско потекло во 2007 година, на кој се направени измени и дополнувања три пати и тоа во 2014 година, 2015 година и 2016 година. Исто така се донесени  и подзаконските акти кои го уредувaат ова прашање.

Според законот се уредува:  категоризацијата, собирањето, превезувањето, отстранувањето, преработката, употребата и складирањето на нуспроизводи од животинско потекло од аспект на здравствената заштита на животните и ветеринарното јавно здравство.

Цели на овој закон се:

  • а) оневозможување на собирањето, превозот, складирањето, манипулирањето, преработката и употребата или отстранувањето на нуспроизводите од животинско потекло да претставува ризик за здравјето на животните или луѓето, и
  • б) овозможување на ставање во промет и во определени специфични случаи извоз, увоз и транзит на нуспроизводите од животинско потекло и на одделни производи добиени од нив.

Во подготовка е нов Закон за нуспроизводи од животинско потекло. Потребата од донесување на нов Закон произлегува од потребата за усогласеноста на националното законодавство со законодавството на Европската унија.

Законот за нуспроизводи од животинско потекло ја воведе категоризацијата на нуспроизводите од животинско потекло, во зависност од степенот на ризик по јавното здравје и здравјето на животните, во три категории. Со тоа од субјектите се бара правилно да ги категоризираат, собираат, означуваат и чуваат одделно едни од други нуспроизводите од животинско потекло од различните категории.

Нуспроизводите од животинско потекло, производите добиени од нив и производите кои содржат делови од нив, во зависност од степенот на ризикот по јавното здравје или здравјето на животните се категоризираат во:

  • а)Категорија 1 материјали
  • б)Категорија 2 материјали и
  • в)Категорија 3 материјали.

Категоризацијата на нуспроизводите од животинско потекло се врши според „закон" и по „избор" на субјектот.

Категоризацијата според законот е пропишана во прописите од областа на нуспроизводите од животинско потекло и истата е задолжителна за субјектите.

Категоризацијата по избор на субјектот се извршува во зависност од економските потреби на субјектот и традицијата на пазарот и зависи од изборот на субјектот. При примената на оваа можност секогаш треба да се има во предвид правилото штом производот стане нуспроизвод од животинско потекло истиот не може да влезе во синџирот на храна.

Во оваа правна рамка посебно се издвоени и определени нуспроизводите од животинско потекло одредени како специфичен ризичен материјал од аспект на трансмисивните спонгиоформни енцефалопатии.

СОБИРАЊЕ, ТРАНСПОРТ И СКЛАДИРАЊЕ

Согласно Законот за нуспроизводи од животинско потекло собирањето, транспортот и складирањето на нуспроизводите од животинско потекло треба да се изведува под соодветни услови, со кои се гарантира дека нема ризици по јавното здравје и здравјето на животните.

Донесени се повеќе правила во однос на собирањето, транспортот и складирањето, условите за инфраструктурата, опремата и хигиената вклучувајќи ја и евиденцијата што гарантира дека нуспроизводите од животинско потекло и нивните деривати се следат со цел да се избегнат моменталните или потенцијални ризици, условите за пласирање на пазарот, условите за увоз, транзит и извоз, условите во врска за безбеден извор, безбеден третман и безбеден краен корисник. Овие мерки се со општо поле на примена, прописите наложуваат и посебни услови за одредени нус производи од животинско потекло како што се специфичниот ризичен материјал и одредени деривати.

Со прописите за собирањето и транспортот на нус производите од животинско потекло се пропишуваат условите во однос на пакувањето, транспортните садови, декларирањето на материјалите, регистрацијата на транспортерите, формата, содржината и начинот на водење на евиденција, хигиената и т.н.

Со прописите за складирање се уредуваат градежно - техничките услови, санитарните услови, посебните услови во однос на објектите и техничката опременост, начинот на работа, потребната документација и т.н.

 

НЕШТЕТНО ОТСТРАНУВАЊЕ

Нештетното отстранување на нуспроизводите од животинско потекло е обврска спрема заштитата на животната средина и зачувување на здравјето на луѓето и животните. Ваквите производи треба да се испратат до овластени објекти за нивна преработка или нештетно отстранување. Различните категории на материјали треба да се преработуваат во различни одобрени објекти.

Категорија 1 материјалите можат да се отстранат со:

  • Горење/согорување
  • Закопување во овластени депонии или горење/согорување со претходна преработка
  • Кујнскиот отпад (помии) од меѓународниот транспорт со закопување во овластени депонии.

 

Категорија 2 материјалите можат да се отстранат со:

  • Горење/согорување
  • Закопување во овластени депонии, горење/согорување, компостирање или трансформација во биогас со претходна преработка
  • Одредени Категорија 2 материјали можат да се рециклираат без претходен третман како што е изметот од домашни животни, јајца за производство на биогас, ѓубрива, подобрувачи на почва или олеохемиски производи.

 

Категорија 3 материјалите можат да се отстранат со:

  • Горење/согорување
  • Закопување во овластени депонии и горење/согорување со претходна преработка
  • Анаеробна дигестија
  • Алкална хидролиза
  • Компостирање и трансформација во биогас
  • Одредени Категории 3 материјали може да се користат за производство на храна за домашни миленици или технички производи.

 

Нуспроизводите од животинско потекло во моментов се отстрануваат во Депонија односно објект наменет за отстранување на нуспроизводи од животинско потекло, со негово истурање под земја или на површината на земјата, вклучувајќи:

  • а) депонии за интерна употреба кога произведувачот управува со сопствена депонија во кругот на објектите за производство, и
  • б) трајни депонии, за период подолг од една година кои се употребуваат за времено складирање на нуспроизводи од животинско потекло, со исклучок на:
    • објекти каде што нуспроизводите од животинско потекло се растоварени за извршување на подготовки за натамошен превоз за нивно повторно оспособување, третман или отстранување на друго место, или
    • складирање на нуспроизводи од животинско потекло пред да бидат повторно оспособени или нивен третман во период помал од три години како општо правило, или
    • складирање на нуспроизводи од животинско потекло пред да бидат отстранети во период помал од една година.

Нуспроизводите од животинско потекло треба да се согоруваат односно треба да се изврши отстранување на нуспроизводи од животинско потекло или производи добиени од нив во инсталација за согорување.

Оставање, фрлање и неконтролирано отстранување на нуспроизводи од животинско потекло е забрането.

Одгледувачите на животни се обврзани да пријават до Агенцијата за храна и ветеринарство и правното лице определено за собирање на животинските мрши и нуспроизводи од животинско потекло за сите пцовисани животни независно од причината на пцовисувањето.

Правните и физичките лица кои при вршењето на дејноста создаваат нуспроизводи од животинско потекло, се должни на пропишан начин да обезбедат нештетно отстранување или преработка така што да не претставуваат ризик за здравјето на луѓето и животните, водата, воздухот, почвата и растенијата.

Општините се надлежни за собирање и нештетно отстранување на животински мрши и нуспроизводи од животинско потекло од нивнотото подрачје, под услови и на начин утврдени со закон.