Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) активно се вклучи во симулациската вежба по прва помош во итна ситуација–земјотрес - „Хуманитарен одговор 2023”, која денес се одржа во Скопје, во организација на Црвениот крст на Република Северна Македонија.
Како одговорна институција за безбедноста на храната и за здравствената заштита и благосостојбата на животните, АХВ, со учество на стручни тимови, се вклучи во активностите за преземање на мерки за ублажување на деструктивните ефекти од земјотреси преку обезбедување на навремена, ефективна, стручна, организирана интервенција и помош на одгледувачите на животни и сопствениците на домашни миленици на кои таа им е потребна.
Учеството во симулациската вежба овозможи согледување на организациската поставеност на АХВ во спроведување на мерките и активностите за заштита и спасување на животни и протокот на информации во услови на земјотрес. Во вежбата беа активирани Националниот и локалниот центар за итни состојби - катастрофи на АХВ, а со претставници од Агенцијата учество во вежбата зедоа и доктори по ветеринарна медицина од јавно и приватно прифатилиште за бездомни животни, ветеринарна амбуланта, официјален ветеринар и од Факултетот за ветеринарна медицина Скопје. За уредување на постапките и активностите кои ќе се спроведуваат и применуваат во услови на катастрофи, Агенцијата за храна и ветеринарство согласно одредбите од Законот за ветеринарно здравство, подготвува план за итни мерки за заштита и спасување на животни при земјотрес.
Генерално, главна цел на вежбата која се одржа денес беше претставување на капацитетите, можностите и подготвеноста на Црвениот крст на Република Северна Македонија во координираниот пристап за одговор при кризни состојби. Промовиран беше Националниот тим за прва помош на Црвениот крст, системот за испорака на психо - социјална поддршка, системот за координација на невладините организации и граѓанското општество во случај на катастрофи и кризни состојби. Вежбата беше основа за подобрување на координацијата и комуникацијата на сите чинители за кризен менаџмент во државата во услови на земјотрес.
Во симулациската вежба која се организира во рамки на одбележувањето на 60 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје и зачестените катастрофи во земјата и регионот, а чиј покровител е Претседателот на РСМ Стево Пендаровски, учество зедоа Црвениот Крст на Република Северна Македонија, Центарот за управување со кризи, министерствата за внатрешни работи, за здравство, за труд и социјална политика, за одбрана, за надворешни работи, Дирекцијата за заштита и спасување, Армијата на Република Северна Македонија, Итна медицинска помош, Македонска радио телевизија - медиумско информирање за кризната состојба, Противпожарната територијална единица, Комора на психолози, Агенција за храна и ветеринарство како и општинските организации на Црвениот крст. Освен од земјава, учество на вежбата зедоа и тимови на Национални друштва на Црвен крст од регионот (Хрватска, Србија, Бугарија, Албанија, Црна Гора, Италија и Германија), претставници на универзитетите во државава, независни експерти од областа, различни тела од Системот за управување со кризи, на локално и регионално ниво.
Во активностите на симулациската вежба вклучени беа повеќе од 500 лица и истите беа потпомогнати и со 2 хеликоптери и 40 возила.