Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 2500 денари

Атанасов за РСЕ: Африканска чума - не носете свинско месо кога се враќате од странство

16.08.2019
Атанасов за РСЕ:  Африканска чума - не носете свинско месо кога се враќате од странство

Вирусот африканска чума не се пренесува кај човекот, туку само кај свињите, објаснуваат надлежните. Сепак, препорачуваат граѓаните да не внесуваат производи од животинско потекло кога одат на патување во странство и кога се враќаат назад. За дилемите на оваа тема, зборувавме со директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов.

Господине Атанасов, по многуте информации во медиумите за појавата на оваа болест во соседството, впечаток е дека јавноста е се уште збунета. Што всушност е вирусот „африканска чума“ и дали овој вирус освен на животните се пренесува и на луѓето?
Вирусот на африканската чума кај свињите е болест која се пренесува само кај свињите, односно заболуваат диви и домашни свињи. Тој не е опасен за луѓето, дури може да се консумира и такво месо, меѓутоа бидејќи против болеста не постојат ни лек ни вакцина, а таа создава страшни економски, би рекол и катастрофални загуби во сточарството, во делот на свињарството, затоа ние преземаме мерки кои може да ги преземеме како превентивни.
Велите дека може и да се изеде парче месо кое било заразено од овој вирус. Тоа значи дека дефинитивно нема здравствени последици ако човек изеде заразено парче месо?

-Да, за човекот нема опасност ако изеде такво месо, затоа што, како што кажав, заболуваат само свињите, не заболуваат дури и другите животни.

Зошто тогаш се преземаат мерки како што е забрана на извоз на свинско месо кое е од области каде е изолиран вирусот, или пак информации за зголемување на цената на свинското месо?

-Мерките се преземаат за да не се внесе вирусот во државата од земјите каде што има појава на болест. Најчест начин на ширење на вирусот е преку производите од животинско потекло, т.е производи кои содржат свинско месо кое што не е доволно термички обработено. Само затоа се преземаат такви мерки. Впрочем во Чешка, на пример во регионот Клин болеста е пренесена со такви производи од Белорусија. Работниците од Белорусија понеле со себе производи што содржат свинско месо кое не било термичко обработено, а содржело таков вирус во себе и од таму како отпадок го фрлиле, а го изеле дивите свињи како помија и така се раширила болеста.

Тоа значи, да заклучиме, дека граѓаните кои сега летово патуваат на одмор, дека не смеат да пренесуваат такви производи од животинско потекло преку граница?

-Да, ние даваме такви соопштенија, апелираме до граѓаните да не внесуваат производи од животинско потекло кога одат на патување во странство и кога се враќаат назад во државата, бидејќи е тоа најчестиот начин како болеста се пренесува.

Откако и официјално вирусот е потврден и во Србија, (покрај Бугарија, Грција, Романија, Чешка) колкава е потенцијалната опасност дека и кај нас може да биде изолиран?

-Опасноста постои и ќе постои. Бидејќи болеста се пренесува преку дивите свињи, а ние не можеме да ги застанеме да се движат, или пак крлежот преку кој се пренесува не може да го застанеме, тој може да се движи, поентата е преку сите мерки кои ги презема државата да се намали ризикот за внес на вирусот во комерцијалните фарми, зашто ако влезе тој вирус таму ќе има големи економски последици за државата. Затоа препораките на Агенцијата се: доколку немаат биосигурносни мерки на високо ниво (односно да се под низок ризик) да не одгледуваат свињи таквите производители, особено оние коишто се во селските домаќинства, знаеме дека таму нема биосигурносни мерки, па да се воздржат од таков начин на одгледување свињи во овој момент.

Господине Атанасов, дали последиците ќе бидат главно економски, (велите дека нема опасност за луѓето), односно кој ќе претрпе најголеми последици доколку се појави африканската чума кај нас?

-Штетите ќе бидат пред се економски, ќе имаат штети и одгледувачите на свињи, но и целата држава. Дел од она што ќе го уништи државата, ќе го надокнади државата. Но, има законски прописи кои викаат дека државата на угинато, не исплаќа. Ако на фармерите им угине свињата дури да се прогласи болеста или додека не им биде жива одземена од страна на Агенцијата, тогаш не следува обештетување. За да не се доведеме во таква ситуација, препораката е следна: да ги заколат свињите, да си го стават месото во фрижидер или да го продадат на месните индустрии за пазарна цена.

Марија Тумановска
 

Ознаки
Категорија