Стерилизирање и одговорно сопствеништво на домашни миленици

Агенцијата за храна и ветеринарство апелира сопствениците да ги стерилизираат своите домашни миленици - кучиња и мачки.

 

Кучињата и мачките имаат висока репродуктивна способност. Имено тие се размножуваат со геометриска прогресија,што значи дека од еден пар кучиња или мачки за 8-9 години може да се добијат до 60 000 потомци.

Со стерилизација, со еднократен трошок кој изнесува околу 1500-2000 денари за мачки и кучиња од машки пол и од 2.600 до 5000 денари за кучиња од женски пол (цената зависи од големината на животното), се избегнуваат последиците кои произлегуваат од несаканите легла како што се: 

  • Напуштањето на домашни миленици , што е е забрането и казниво по закон. Дополнително, напуштањето на мали кученца кои се уште немаат прогледано или цицаат е кривично дело - мачење на животни за што покрај парична е утврдена и затворска казна.

  • Дополнителни трошоци за чување на 8-10 нови животни кои исто така треба да се микрочипираат и вакцинираат за што треба да се издвојат финансиски средства и до 14 000 денари за само едно легло (на пример за 8 кученца, 8х800 денари за микрочип, 8х150 за пасош, 8х200 за апликација на микрочип, 8х500 за вакцинација и дехелминтизација итн).

 

Препораки за одговорно сопствеништво

  • Кучињата и мачките треба еднаш годишно да се вакцинираат/ревакцинираат против болеста беснило и да се третираат против екто и ендо паразити

  • Забранети се следните интервенции на животните: скратување на опашката и потсекување на ушите, сечење на петиот прст, девокализација, отсекување на канџи и обеззабување

  • Сопствениците на кучиња треба на влезната врата во дворот на видливо место да постават табла со која недвосмислено се укажува на присуство на куче

  • Кучињата кога се на јавно место треба да бидат врзани на поводник освен кога се на јавни места каде е дозволено кучињата слободно да се движат во придружба на нивните сопствeници

  • Сопствениците и/или одговорните лица кои ги користат своите миленици за репродукција и одгледувачниците треба да го пријават леглото од своите животни во овластена ветеринарна амбуланта, клиника или болница, да ги идентификуваат и регистрират младенчињата согласно Законот за идентификација и регистрација на животните пред да ги вдомат како и да ги пријават лицата кај кои ги вдомиле младенчињата

  • Со кучињата треба да се постапува позитивно а особено уште од најрана возраст за да бидат социјализирани. Кучињата не треба постојано да се држат врзани а доколку живеат во стан тие треба секојдневно и редовно да се носат надвор на прошетки

  • На кучињата и мачките треба секојдневно да им се обезбедува соодветна храна и секогаш на располагање да имаат свежа вода за пиење, и истите да бидат во добра здравствена состојба и кондиција

  • Доколку се забележат било какви промени во однесувањето или во здравствената состојба на домашните миленици веднаш консултирајте се или однесете ги на ветеринар.