Генетски модифицирана храна (ГМО храна) е секоја храна која е произведена, составена или содржи генетски модифицирани организми. Генетски модифицирани организми (ГМО) се организми чиј генетски материјал (DNA)е изменет преку внес на ген од друг организам со употреба на технологија позната како „генетска технологија“, „рекомбинантна DNA технологија“ или „модерна биотехнологија“.
Илјадници години во минатото луѓето користеле традиционални методи за модификација како што се селективното одгледување и вкрстено размножување со цел одгледување на растенија и животни со посакуваните особини. На пример, по пат на вкрстено размножување земјоделците развиле нови сорти пченка кои се разликуваат по намената, големината или бојата на зрното.
Но, промената по пат на традиционалните методи е долготрајна и тешко се добиваат бараните специфични својства. Ова е надминато со развојот на генетскиот инженеринг во 1970те, кој првенствено наоѓа примена во медицината , а понатаму и во земјоделието и индустријата за храна.
Моментално достапните видови ГМО храна во светот најчесто се од растително потекло, но во иднина се очекува достапност на пазарот и на храна добиена од генетски модифицирани животни или микроорганизми.
Целта за развојот на генетски модифицираната храна, пред сѐ на ГМ житарките, се состои во подобрување на приносот, зголемување на отпорноста на растението кон болести и толеранција кон хербициди. Зголемените приноси на храната на овој начин доведуваат до зголемена и рамномерна достапност на храната во светот, како и намалување на цената на храната, што е особено значајно за земјите во развој и неразвиените земји.
Развојот на оваа биотехнологијата во иднина е насочен кон генетски модификации со цел подобрување на нутритивниот состав на храната, намалување на алергениот потенцијал на одредени видови храна и зголемена ефикасност на системите за производство на храната.
Во Европската Унија, ГМО храната подлежи на строги правила на контрола и авторизација пред да се стави на пазарот со цел да се осигура, односно гарантира нејзината безбедност, а со тоа да се обезбеди високо ниво на заштита на здравјето на потрошувачите. Согласно прописите за посебните барања за безбедност на овој вид храна, ГМО храна не смее да:
- има негативни ефекти врз здравјето на луѓето, животните и животната средина
- го доведува во заблуда потрошувачот во однос на нејзиниот состав и својства
- се разликува од храната и состојките на храната кои треба да ги заменат, до таа мера, што нивната нормална консумација би имала негативен ефект за потрошувачот во прехранбена смисла.
Генералниот директорат на Европската Комисија задолжен за здравство и безбедност на храната, воспоставува и води Регистер на ГМО храна и добиточна храна, каде може да се добијат детални информации за одобрените но и за повлечените ГМО производи од пазарот на Европската Унија, а е достапен на следниот линк: https://webgate.ec.europa.eu/dyna/gm_register/index_en.cfm
2.1.1. Легислатива за Генетски модифицирана храна
Правната рамка за ГМО храната е пропишана со Законот за генетски модифицирани организми и Законот за безбедност на храната каде што во член 4 став 1 точка 61 е дефинирана ГМО храната и одредбите во член 56 кои се однесуваат на ГМО храната. Со одлука на Владата на РСМ овие одредби имаат одложена примена и ќе важат по приемот на Северна Македонија во Европската унија.
Повеќе информации во врска со правната рамка со која се уредува ГМО храната како и моменталната состојба со регулирањето на овој вид храна во РСМ може да се добијат од следната презентација: