Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 2500 денари

Беснило

Беснилото е смртоносно заболување кај животните (цицачите) и човекот предизвикано од вирус кој го напаѓа нервниот систем. Вирусот се наоѓа во плунката на заболените животни и се пренесува на луѓето и животните преку каснување, гребење или лижење од болно животно. Вирусот го напаѓа нервното ткиво – мозокот и предизвикува симптоми карактеристични за пореметување на нервниот систем. Штом ќе се појават симптомите болеста завршува фатално и кај животните и кај луѓето, но доколку навремено и соодветно се третира болеста се спречува со сигурност.

Веднаш по контакт со заболено или сомнително животно раната (местото) треба да се измие со големо количество на вода и сапун и да се прими соодветен третман против беснило.

Болеста е широко распространета во светот. Во Европа главен домаќин и преносител на вирусот се лисиците, во Азија, Африка и Јужна Америка кучињата додека во Северна Америка лилјаците, творовите и ракуните.

Во Македонија првиот случај е регистриран во јули 2011 година кај лисица во околината на Велес. Досега потврдени се вкупно девет случаи на беснило во регионите на Велес, Виница, Македонска Каменица, Гевгелија, Кочани и Радовиш, од кои осум кај дивите животни (лисици и волци) и еден случај кај домашни животни (мачка). Од 2013 година па наваму не е потврден ниту еден случај на беснило.

За успешна контрола на болеста многу е важно секое сомнително животно на беснило, да се пријави до најблискиот ветеринар или до ветеринарниот инспектор. Доколку забележите домашно или диво животно невообичаено да се однесува, да покажува зголемена агресивност, или диво животно да се однесува питомо и пријателски настроено кон луѓето, да се движи во населени места преку ден, Ве молиме задолжително да го пријавите. Исто така треба да се пријават сите угинати или животни прегазени од возила.

Орална вакцинација на лисиците

За контрола и спречување на ширење на болеста од дивите на домашните животни и луѓето, со почеток од 2011 година, Агенцијата спроведува програма за орална вакцинација на лисиците против беснило. Вакцинацијата се врши двапати годишно (пролет и есен) со дистрибуција на вакцинални мамки на целата територија на Р. Македонија со исклучок на населени места, водени површини и високи планински врвови. При секоја вакцинација се дистрибуираат по 500.000 мамки за да се постигне густина од 21 мамки /км2 што се смета за оптимален број на мамки за да се имунизира популацијата на лисици во Р.Македонија. Мамките се дистрибуираат со авиони од типот Цесна.

Досега реализирани се дванаесет вакцинални кампањи, додека есенската кампања оваа година ќе се спроведе во периодот октомври-ноември. По секоја кампања, Агенцијата спроведува пост-вакцинален мониторинг заради контрола на успешноста на оралната вакцинација. Досегашните резултати потврдуваат дека програмата е успешна и ефикасна. Орална вакцинација на лисиците спроведуваат и другите земји од Балканскиот регион (Србија, Косово, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, Грција, Албанија, Бугарија).

За да се заштитат од беснило кучињата и мачките треба задолжително да се да се вакцинираат секоја година. Вакцинацијата се врши во овластените ветеринарни амбуланти.

За контрола на беснило се применуваат одредбите од Правилникот за начинот и постапката на пријавување на беснило кај домашни и диви животни и мерките кои треба да се превземат за сузбивање и искоренување на беснилото (Службен весник на РМ бр. 155/12.

 


  • Правилник за начинот и постапката на пријавување на беснило кај домашни и диви животни [врска]