Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 2500 денари

Половина милион евра грант од ЕУ за борба против африканска чума

04.05.2020
Половина милион евра грант од ЕУ за борба против африканска чума

Грант од ЕУ, вреден 540.740 евра, доби земјава за борба против африканската свинска чума. Договорот го потпиша Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), која беше иницијатор на поддршката уште во август минатата година. Според Договорот потпишан на 24 април, АХВ до крајот на 2020-та ќе треба да ги реализира планираните активности со кои аплицираше, а средствата потоа ќе и бидат рефундирани.

Како што вели за МИА директорот на Агенцијата, Зоран Атанасов, африканската свинска чума се уште демне. Во Србија, Бугарија и Грција е присутна, но кај нас не. Засега добро се справуваме со предизвиците.

Од јули/август лани кога во Бугарија африканската чума почна масовно да се појавува на фармите, а потоа беше регистрирана и во Србија, како и во Грција, нашето опкружување не е баш оптимистичко. Веќе во август доставивме писмо до Европската комисија со кое побаравме финансиска поддршка за применување превентивни мерки и рано детектирање на болеста. Набрзо во септември добивме позитивен одговор, но се роди идеја поддршката да биде за целиот регион (Северна Македонија, Србија, Црна Гора, БиХ).  Практично, на наша иницијатива, земјите од регионот кои не се членки на ЕУ добија европска финансиска поддршка. Притоа, македонската програма доставена до Европската комисија беше и најприфатлива, па по нејзин терк, со соодветни прилагодувања, беа направени и оние на Србија, Црна Гора, БиХ, истакнува Атанасов.

Со одобрениот грант од 540.740 евра ќе се покријат трошоците за изготвување флаери и брошури, за билборди што ќе се поставуваат по патиштата, за одржување работни средби на сите засегнати страни, ветеринарни и ловечки друштва, институции, фармери. Ќе се емитуваат и промотивни спотови на интернет портали за кои склучувањата на договорите се во тек.

Треба добро да се документира се што ќе направиме и да се спроведе на терен до крајот на годината. Средствата ќе се рефундираат потоа, нагласува директорот.

Во ловната сезона 2019 – 2020 година, како дел од превентивните мерки против африканска чума, беа отстрелани околу 1.600 единки. Сите се негативни на африканска чума. 

Ако сме имале околу 8.000 на цела територија на државата, ова значи дека се заловени 20 проценти од вкупниот број диви свињи. Целта на отстрелот беше да се изврши нивна депопулација во некои рамки од 0,25 свињи на квадратен километар што е препорачана бројка од ЕФСА и Светската организација за здравје на животните за да се намали ширењето на африканска чума. Кај нас бројката е нешто поголема. Затоа и се спроведе заловувањето. Инаку, резултатите од сите отстрелани диви свињи се негативни. Заловувањето престана на 31 јануари. Сега се прави пребројување врз основа на што ќе видиме каква е состојбата на терен, посочува Атанасов.

Фармерите се најзасегнати и со најголема одговорност во однос на африканската чума. Став на директорот е дека најголемата одговорност во однос на болеста ја имаат одгледувачите. Тој е генерално задоволен од спроведените биосигурносни мерки на фармите.

Ние како служба може се да правиме, но ако одгледувачите не ги почитуваат и спроведуваат мерките, џабе ни е цела работа. А тие како производители на свинско месо се најзасегнати. Иако, засегнати се всушност сите страни – и ловџиите, зашто ако африканската чума се појави кај дивата популација свињи се врши масовен отстрел и се прави чистка, но и државата, зашто има и економски последици, подвлекува Атанасов.

Според него, досега се воведени биосигурносни мерки на околу 450 одгледувалишта од вкупно 2.300 регистрирани во државата.

Одговорот на одгледувачите е солиден. Тие најсериозно си ја сфаќаат работата, посебно поголемите фарми кои многу инвестираа. Ние направивме и друг потег – рековме, сите фарми што последните три години немаат трихинелоза, а се со низок фактор на биосигурносен ризик, да аплицираат за да ги ослободиме од задолжителното тестирање на секое заклано грло зашто тоа е трошок. Тоа даде дополнителен стимул за инвестиции во биосигурносни мерки, објаснува директорот.

АХВ со уште едно барање до Европската комисија – да ни биде отстапен дел од банката на вакцини против класична свинска чума

Во септемврискиот допис до Европската комисија за поддршка на активностите против африканска свинска чума, АХВ доставила уште едно барање – на Северна Македонија да и биде отстапен и дел од банката на вакцини против класична свинска чума.

Земјава води политика на невакцинирање против класична свинска чума за да овозможи извоз на живи свињи и свежо свинско месо на европскиот, но и на светскиот пазар. Сепак, како што истакнува Атанасов, добро е од превентивен аспект да бидеме сигурни дека ќе можеме да набавиме вакцини  т. е. создадеме банка на вакцина која во секој момент ако се појави класична чума кај свињите по прекинот на вакцинацијата. Во таков случај, ако се укаже потреба од повторно враќање на вакцината, ќе ни треба банка на вакцини. Затоа АХВ се обратила до Комисијата.

Кај нас е воедно забрането да се чува вакцина против класична свинска чума. Вакцина се набавува во момент кога тоа е потребно.

Престанавме да вакцинираме на 1 октомври 2019. Оттогаш се поминати повеќе од шест месеци. Сега почнува мониторинг програмата за детектирање антитела кај свињите во кланица за да видиме дали има присуство на вирусот или некој не ги почитува прописите и тајно вакцинира. Ако сите тестови покажат негативност и до пред Нова Година остане така, тогаш од Европската комисија ќе побараме да не стави на листата земји од кои може да се извезува свежо месо и живи свињи. Тој период од една година завршува на 30 септември, но даваме уште некој дополнителен период за средување на техничката документација. Таргет ни беше 1 јануари 2021 година да почнеме да извезуваме во земјите на ЕУ. Нашиот план е до  2021 година да бидеме на листата земји слободни од класична свинска чума без вакцинација и на картата на ОИЕ ( Светската здравствена организација за здравствена заштита на животните). Тоа значи дека ќе можеме да извезуваме каде сакаме во светот без никакви пречки, потенцира директорот.

Европската комисија на 10 септември лани одговорила позитивно, дека на банката за вакцини можеме да сметаме, но ако ЕУ процени дали болеста би претставувала проблем и опасност за нејзините членки.

Сепак, со оглед на карактеристиките на болеста, ни беше предочено дека можеме да аплицираме и да се надеваме на позитивен одговор. Паралелно, распишавме оглас за компанија која би закупила вакцини од фирма произведувач и кога на земјава ќе и треба, ќе ги достави. На првиот оглас не се јави никој, сега е во тек постапката за втор повик. Се работи за мала количина, вредна околу 300.000 денари. Веројатно нема интерес зашто сумата не е голема, но и затоа што условите се малку специфични, вели Атанасов.

Тој оценува дека ако се реализира планираното, најблиски пазари од членките на ЕУ каде можеме да оствариме пласман, се Грција и Бугарија.

 

Ознаки
Категорија