АХВ го одбележа првиот Светски ден на безбедна храна

07.06.2019
АХВ го одбележа првиот Светски ден на безбедна храна

Во Македонија се јаде безбедна храна, а тоа го покажуваат и бројките. Во светот вкупно 600 милиони луѓе се погодени со алиментарна интоксикација, односно во просек заболува еден на десет луѓе, во Македонија минатата година се пријавени девет случаи, меѓутоа само во пет е потврден причинителот за труење со храна, а погоден биле 173 луѓе во тие инциденти. Храната во земјава, истакна на денешното одбележување на првиот Светски ден на безбедна храна директорот на Агенција за храна и ветеринарство Зоран Атанасов се испитува по стандарди на Европската унија, а законодавството во оваа област е 88 проценти усогласено со европското. -Агенцијата изработува посебни програми за детектирање на присуство на хемиски, биолошки и физички контаминенти во храната и е законски обврзана да прави контроли на нејзината безбедност. Недоследностите кои откриваат се фалсификување, односно употреба на лажни етикети со коиместо вистинскиот производ се прикажува нешто друго – истакна тој.

Како измама утврдена со минатогодишните контроли, потсети директорот Атанасов е измамата на потрошувачите со мелено месо, за што, рече тој, од страна на Агенцијата казнети беа седум оператори. Контролата тогаш утврди дека во свинско или говедско месо се ставало пилешко месо и истото не било декларирано.

Во првите пет месеци од годинава извршени се околу 50 илјади контроли за безбедност на храната во земјава и се поднесени две кривични пријави против оператори што го загрозиле здравјето на луѓето со пуштање незбезбедна храна во промет. Во еден случај има и доказ за штетна последица кај корисникот.

 

АХВ го одбележа првиот Светски ден на безбедна храна

 

Состојбата на пазарот ја следи и Организацијата на потрошувачи на Македонија. Од таму каде што апелираат граѓаните да внимаваат што купуваат, но и да ги читаат декларациите и рокот на производите, да реагираат до надлежните доколку забележат некакви отстапувања. Татјана Тасева од оваа невладина организација предупреди потрошувачите да внимаваат на безбедноста на млечните и месните производи кои се и најлесно расипливи.

-Се намалува бројот на приговори за храната кои ги поднесуваат потрошувачите, а тоа е сигнал дека институциите си ја вршат работата. Се уште тие во најголем дел се однесуваат на декларациите на производите – дека се нецелосни или нечитливи, а се уште се затекнуваат и производи со поминат рок во продавниците. Секако, има и приговори за неквалитетни производи што самиот потрошувач може да ги оцени – променета боја, вкус. Заедно со Агенцијата за храна и ветеринарство работиме на едукација на граѓаните преку подготовка на едукативни електронски билтени и брошури на одредени теми - рече Тасева.

Светскиот ден на безбедна храна 7 Јуни се одбележува првпат годинава откако Обединетите нации донесоа резолуција лани во декември. Покрај тркалезна маса, денеска во Градскиот трговски центар се организира и едукативно-информативен настан за важноста на безбедноста на храната.

Ознаки
Категорија