Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 2500 денари

Природна минерална вода, изворска вода и други пакувани води

Пакуваните води се посебна категорија на храна во која спаѓаат природната минерална вода, изворската вода и другите пакувани води.

Природните минерални води, изворските води и другите пакувани води се производи кои пред да се стават на пазарот во Република Северна Македонија треба да бидат одобрени од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Дефиниции за пакуваните води:

„Природна минерална вода“ е микробиолошки безбедна вода, која потекнува од подземна водна маса или слој и се појавува на површината на извор каптиран во една или повеќе природни или издупчени точки на излегување на површината. Природната минерална вода јасно се разграничува од обичната вода за пиење според нејзината природа, која се карактеризира со содржината на минерали, микроелементи или други состојки кои поволно влијаат на организмот и според нејзината чистота. Карактеристиките на природната минерална вода се сочувани поради подземното потекло на таа вода, која е заштитена од сите ризици од загадување.

„Изворски води“ се води кои се наменети за консумирање од страна на луѓето во нивната природна состојба, кои се полнат на извориштето, не се пречистуваат и се наменети да бидат пуштени во промет во шишиња или садови кои нема да влијаат на безбедноста на пакуваната изворска вода.

„Други пакувани води“ се оние води кои се наменети за консумирање од страна на луѓето, не се природни минерални и не се изворски води и се наменети да бидат пуштени во промет во шишиња или садови кои нема да влијаат на безбедноста на пакуваната вода.

 

voda

 

Природната минерална вода е производ од природно заштитена подземна животна средина. Природната минерална вода е природно безбедна за пиење за луѓето во нејзината оригинална состојба. Таа исто така може да има дополнителни карактеристики поврзани со присуството и концентрацијата на одредени минерали во неа. Дополнителните карактеристики зависат и од областа од каде се врши експлоатација на водата односно од потеклото на водата.

Секоја природна минерална вода има карактеристичен вкус и конзистентен минерален состав. Природните минерални води можат да бидат многу различни во однос на содржината на минерали започнувајќи од многу ниска содржина на минерали – (помалку од 50 mg на литар), до висока содржина на минерали (повеќе од 1500 mg на литар).

Природната минерална вода може да биде во форма на повеќе производи како на пример: „Природна минерална вода“ „Природно газирана природна минерална вода“, „Природна минерална вода збогатена со гас од изворот“, „Газирана природна минерална вода“, „Делумно  дегазирана природна минерална вода“ и „Целосно дегазирана природна минерална вода “.

Карактеристичниот минерален состав на секоја природна минерална вода мора да биде стабилен и означен на означувањето на производот. Природната минерална вода покрај општите правила за означување има и посебни правила при означувањето. На означувањето мора да се наведе како информација името на изворот и местото  каде се наоѓа изворот на водата, табела на анјони и катјони кои ни го даваат минералниот состав, бројот и датата  на одобрението од АХВ , бројот и датата на лабораториската анализа и името на лабораторијата и други дополнителни задолжителни информации за оваа категорија на храна.

Повеќе информации во врска со природните минерални води, изворските води и другите пакувани води може да се добијат од Правилникот за посебните барања за безбедност на природна минерална вода, изворска вода и друга пакувана вода.

Природните минерални води, изворските води и другите пакувани води се производи кои се полнат во објекти кои треба да исполнат многу специфични барања. Овие објекти се категоризирани како објекти со многу низок ризик и подлежат на инспекциска контрола најмалку еднаш во две години.

Повеќе информации во врска со контролите во овие објекти може да се добијат од Упатството за контрола во објекти за полнење на природна минерална вода, изворска вода и друга пакувана вода  (линк).

 

 

Согласно член 57 од Законот за безбедност на храната, природните минерални води, изворските води и другите пакувани води треба да бидат одобрени од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство пред да се стават на пазарот во Република Северна Македонија.


Операторот со храна поднесува барање за полнење и ставање во промет на природна минерална вода, изворска вода и друга пакувана вода  во писмена форма до архивата на Агенција за храна и ветеринарство. 


Во прилог на барањето операторот има обврска да достави документација која е утврдена во  Правилникот за начинот на издавање на одобрение, потребната документација и висината на трошоците во постапката за издавање на одобрение за полнење и ставање во промет на природна минерална вода, изворска вода и друга пакувана вода


Потребна документација за издавање одобрение за природна минерална вода, изворска вода и друга пакувана вода:

 

  1. Барање
  2. Доказ за концесија;
  3. Дозвола за зафаќање и користење на вода од површинско или подземно водно тело;
  4. Податоци за геолошки и хидролошки испитувања, податоци за точна локација на одредената каптажа на извориштето определена со ГПС опрема, определена со надморска височина, и податоци за оценка на типографијата на карта со размер 1:1000; детален геолошки приказ на природата на теренот и постанок на изворот, стратиграфија на хидролошкото наоѓалиште  на водата, опис на развојот на каптажата, маркирање на развојот или детали за други мерки со кои се заштитува извориштето, издашност на извориштето, температура на водата на извориштето и температура на околината, врска помеѓу природата на теренот и природата на типот минерали во водата. Овие податоци можат да бидат дел од геолошки елаборат;
  5. Резултати од лабораториски анализи на водата правени за време на студиско-истражните работи за новите зафати на вода кои се правени 4 пати годишно во календарска година и тоа во секое годишно време од годината (во различни годишни сезони), извршени во акредитирана лабораторија во обем и параметри за безбедност согласно Правилникот за посебните барања за безбедноста на природната минерална вода, изворската вода и друга пакувана вода;
  6. Резултати од микробиолошки и паразитолошки лабораториски анализи на водата, не постари од една година и тоа за водата од извориштето и за водата после пакувањето односно на готов производ за во промет, согласно Правилникот за посебните барања за безбедност на природната минерална вода, изворската вода и друга пакувана вода;
  7. Резултати од физичко-хемиски лабораториски анализи за водата, не постари од една година и тоа за водата од извориштето и за водата готов производ за во промет, во обем согласно Правилникот за посебните барања за безбедност на природната минерална вода, изворската вода и друга пакувана вода;
  8. Резултати од лабораториски анализи за водата  во однос на присуство на резидуи од пестициди, не постари од една година и тоа за водата од извориштето или за водата готов производ за во промет, согласно Правилникот за посебните барања за безбедност на природната минерална вода, изворската вода и друга пакувана вода;
  9. Резултати од радиолошка лабораториска анализи за водата  во однос на присуство на радионуклиди, не постари од една година и тоа за водата од извориштето или за водата готов производ за во промет, согласно Правилникот за посебните барања за безбедност на природната минерална вода, изворската вода и друга пакувана вода;
  10. Изјава од производителот за исполнување на барањата од член 7 од Правилникот за посебните барања за безбедност на природната минерална вода, изворската вода и друга пакувана вода, која се однесува на третман на водата;
  11. Оригинално означување, оригинална амбалажа или идејно решение на амбалажата на производот со информации на означувањето на производот на македонски јазик, согласно Правилникот за информации поврзани со храната и Правилникот за посебните барања за безбедност на природната минерална вода, изворската вода и друга пакувана вода; 
  12. Доколку производот се увезува во Република Северна Македонија, се доставува и доказ дека на природната минерална вода, изворската вода и друга пакувана вода е одобрена за ставање во промет во земјата производител, внесена во Регистарот на препознаени или одобрени или признаени природни минерални води, изворски води или други пакувани води во земјата производител и 
  13. Доказ за намирени трошоци (уплатница од 10 000,00 денари по производ), согласно Правилникот за начинот на издавање на одобрение, потребната документација и висината на трошоците во постапката за издавање на одобрение за полнење и ставање во промет на природна минерална вода, изворска вода и друга пакувана вода („Службен весник на Република Македонија“ бр. 175/18) и 50,00 денари административни такси за постапката за издавање на одобрение.

 

 

Како дел од постапката за издавање одобрение за природни минерални води, изворски води и други пакувани води, Секторот за нови прехранбени технологии води и редовно го ажурира Регистарот на одобрени производи од групата природни минерални води, изворски води и други пакувани води.