Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 2500 денари

На ГП Блаце пуштени во употреба нови објекти за вршње на ветеринарни и фитосанитарни контроли

25.09.2018
На ГП Блаце пуштени во употреба нови објекти за вршње на ветеринарни и фитосанитарни контроли

 

Агенцијата за храна и ветеринарство и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, денес на граничниот премин Блаце, ги пуштија во употреба двата нови современи објекти за вршење на ветеринарни и фитосанитарни инспекциски контроли на стоки кои се увезуваат, извезуваат или кои транзитираат низ Република Северна Македонија. Објектите се изградени со финансиска поддршка на Европската унија во рамки на Инструментот за предпристапна помош ИПА 2 2015 година, чии корисници се Агенцијата за храна и ветеринарство и Министерство за земјоделство,шумарство и водостопанство – Државен инспекторат за земјоделство, а вкупната вредност изнесува 700.000 евра.

 

На пуштањето во употреба на објектите присуствуваа Премиерот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, евроамбасадорот Самуел Жбогар, директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Благој Индов и претставници од други надлежни институции.

-Со ставањето во функција на овие објекти, правиме еден чекор понапред кон соодветна, брза и квалитетна контрола на сите пратки на храна од растително и животинско потекло коишто влегуваат или транзитираат преку нашата земја, а во полза на заштитата на јавното здравство, на здравјето на животните и на растенијата. Со овие објекти, на граничните ветеринарни и фитосанитарни инспектори им се обезбедени услови за вршење на своите секојдневни задолженија во соодветни услови и во согласност со стандардите на Европската унија, - рече на промоцијата директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов.

АХВЗградата на ветеринарната инспекција е приземен објект, којшто располага со утоварна - истоварна рампа и функционални простории за прием на пратки од животинско потекло за понатамошно тестирање во лабораторија, ладилници со различен температурен режим и волумен, како и простории за персоналот. Фитосанитарните контроли ќе се вршат во објект со приземје и кат. На приземјетo се сместени утоварна - истоварна рампа, простории за сместување на стоките со ладилник за категоризирани стоки, лабораторија со сопствен магацин. Градежните работи на двата зесебни објекта ги изведуваше компанијата Изградба - Комерц од Скопје. Надзорот на реализацијата на проектот го вршеше компанијата PLANET S.A - Greece, со којашто беше склучен договор во вредност од 89.000 евра. Активностите за изградба се реализираа во временски период од 12 месеци.

–Новиот објект на ДИЗ гарантира брза, навремена и квалитетна услуга во спроведување на контролата на прометот со семе и саден материјал, како и средства за заштита на растенијата и репроматеријалите неопходни за квалитетно производство. Објектот за ветеринарната инспекција има функционални простории со опрема по европски стандарди што исто така гаранатира прецизни анализи на секоја пратка што влегува преку овој граничен премин – истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски во обраќањето пред отворањето на објектите.

АХВАмбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар, нагласи дека новите објекти на Блаце се четврти од ваков тип, по изградбата на објектите на Меџитлија, Табановце и Богодорица со подршка од ЕУ.

-Сите сме свесни дека безбедноста на храната влијае на здравјето на луѓето и животната средина, но и на просперитетот на фармерите, прехранбената индустрија и економијата во целина. Затоа, од клучна важност е ветеринарните и фитосанитарните контроли да се прават на граничните премини – истакна Жбогар.
Пред присутните се обрати и премиерот Зоран Заев, изразувајќи благодарност за поддршката на ЕУ не само во конкретниот случај, туку и генерално, на евроатлантскиот пат на Македонија.

– Секој заеднички чекор на тој пат е добар пример како ЕУ и земја кандидат за членство можат да работат заедно. ЕУ ги препозна позитивните трендови во реформите што ги прави Македонија , а тоа за нас е дополнителен стимул да работиме уште попосветено – истакна Премиерот Заев.

Граничниот премин (ГП) Блаце кој се наоѓа на северната граница помеѓу Република Северна Македонија и Република Косово, претставува главна артерија преку која се врши транспорт на стоки, најчесто по потекло од САД, Бразил и од Аргентина, коишто пристигнуваат преку пристаништето Бар во Република Црна Гора или пристаништето Драч во Република Албанија.

Изградбата на современи објекти за потребите на инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство и Државниот инспекторат за земјоделство, се јави како потреба по изградбата на новата патна мрежа на северот на Република Албанија, со што се зголеми и бројот на транспортери кои стоките ги превезуваат преку овој граничен премин, како и поради добрата географска местоположба и близината на главниот град Скопје.

Ознаки
Категорија