Правилното означување на храната придонесува за поголема безбедност на крајните потрошувачи и избегнување на можноста од различни манипулации и лажни информации на етикетите што даваат заблуда кај општата јавност.
Правилата за информации поврзани со храната имаат за цел да се овозможи слободно движење на произведената храна која се пласира на пазарот земајќи ја предвид потребата да се заштитат интересите на производителите и да се промовира производство на безбедни и квалитетни производи.
Операторите со храна, информациите поврзани со храната ги истакнуваат во сите фази на производството на храна, особено во оние фази на ланецот на производство за кои тие се одговорни. Ова се применува на сите видови храна наменети за крајниот потрошувач, вклучувајќи ги и прехранбените производи кои се доставуваат од големите снабдувачи и прехранбените производи кои големите снабдувачи ги испорачуваат. Секоја храна која е наменета за достава до крајниот потрошувач или до големите снабдувачи со храна и до угостителските објекти, мора да е придружена со соодветни информации поврзани со храната, утврдени согласно законот.
Операторот со храна не смее во информациите поврзани со храната лажно да ги наведува потрошувачите за:
- а) карактеристиките на храната и особено што се однесува до природата, идентитетот, својствата, составот, количината, трајноста, земјата на потекло или место на потекло, методот на изработка или производство
- б) додавање на влијанија или својства на храната кои таа не ги поседува
- в) дека храната поседува посебни карактеристики кога всушност сите слични прехранбени производи ги поседуваат тие карактеристики, особено со посебно нагласување на присуството или на отсуството на одредени состојки и/или хранливи материи и
- г) преку изгледот, описот или сликовните претставувања, присуството на специфична/посебна/одредена храна или состојка, кога реално некој составен елемент кој е природно присутен или состојка која вообичаено се употребува во таа храна е заменета со различен составен елемент или различна состојка.
Информациите поврзани со храната мора да се прецизни, јасни и лесно разбирливи за потрошувачот.
Секоја храна треба да биде означена со следниве информации поврзани со храната:
- задолжителни информации за храната
- дополнителни задолжителни информации за храната поврзани со особеностите на посебни видови или категории на прехранбени производи
- доброволни информации за храната, дополнителни облици на изразување и претставување на храната
- начинот на означување на храната, подеталните одредби за задолжителното означување и за отстапките од задолжителното означување
- супстанции или производи кои предизвикуваат алергии или нетолерантност
- прехранбени производи за кои означувањето мора да опфати една или повеќе дополнителни особености
- прехранбени производи кои се изземаат од барањето на задолжителната декларација за нутритивна вредност
- име на храната и посебни придружни особености и задолжителни особености во прилог на името на храната
- посебни барања во врска со ознаката на „мелено месо“
- посебни барања во врска со ознаката на обвивките за колбаси oзначување и наведување на состојки
- посебни одредби во врска со означувањето на состојки по опаѓачки редослед според тежината
- ознака на одредени состојки по име на категорија, а не по посебно име
- означување на адитивите со името на нивната категорија проследено со нивното посебно име или е-бројот
- означување на аромите во списокот на состојки
- означување на комплексни состојки
- квантитативно означување на состојките
- означување на нето-количината
- рок на траење, датум за „употребливо до“ и датум на замрзнување
- означување на видови на месо за кое е задолжителна ознака на земјата на потекло или местото на потекло
- означување на јачина на алкохолот
- препорачани дневни референтни внесови за витамини и минерали
- референтни внесови за енергија и определени хранливи материи, освен витамини и минерали
- означување на факторите на конверзија, фактори на конверзија за пресметување на енергија
- изразување и претставување на означувањето за нутритивната вредност, и
- начинот на преставување на доброволни информации за храната
Задолжителни информации за храната
Операторот со храна е должен на означувањето на храната да ги наведе следниве задолжителни информации за храната
- а) име на храната
- б) список на состојките
- в) секоја состојка или помошно технолошко средство кои предизвикуваат алергии или нетолерантности кои се употребуваат во производството или подготовката на храната и се уште се присутни во крајниот производ, дури и во изменета форма
- г) количество на одредени состојки или категории на состојки
- д) нето-количината на храната
- ѓ) рок на трајност или датумот за „употребливо до“.
- е) посебни услови за чување и/или услови за употреба
- ж) име или деловно име и адреса на операторот со храна
- з) земја на потекло или место на потекло
- ѕ) упатство за употреба кога е потребно за правилно да се употреби храната
- и) кај пијалаците кои содржат повеќе од 1,2% алкохол по волумен, се означува реалната јачина на алкохолот по волуменски проценти и
- ј) информација за хранливата вредност на храната
Не е дозволено означување и рекламирање на храна со податоци кои сугерираат на лековити својства поврзани со превенција или лекување на заболувања, потенцирање на специфични својства на храната кои се слични со друга храна со ист квалитет, како и употреба на слики, цртежи, знаци, изрази и текстови што потрошувачот би можеле да го доведат во заблуда во поглед на идентитетот на производот, потеклото, составот, својството, намената и дејството на производот.
Не е дозволено при рекламирањето на храна да се користат:
- изјави што се однесуваат на отстранување, намалување или спречување на болести
- забелешки во форма на лекарски совети или лекарски наоди
- истории на болести
- изјави на трети лица особено благодарници, пофалби или препораки ако се однесуваат на отстранување или намалување на болести
- слики на лица во професионална медицинска облека или при изведување на лекарска професија или промет со лекови и
- списи или писмени податоци што наведуваат на тоа дека определени заболувања се третираат со хран
Како да се чита означувањето на прехранбениот производ?
Количина
Секој прехранбен производ мора да содржи информација за нето количината изразена во l/ml за течности или g/kg за цврсти супстанции. Притоа, нето количината не ја вклучува тежината на материјалот во кој прехранбениот производ е пакуван. (пр. Кашкавал 300 g, јогурт 1 l)
Притоа, нето количината не ја вклучува тежината на материјалот во кој прехранбениот производ е пакуван. (пр. Кашкавал 300 g, јогурт 1 l)
Името под кое се продава производот мора да биде наведено задолжително со цел да го информира потрошувачот за вистинската природа на производот. Производот се означува согласно со прописите за посебните барања одредени видови на храна, и не треба да биде заменето со името кое е трговска марка.
Состојки
Сите состојки кои ги содржи производот мора да бидат означени на пакувањето по опаѓачки редослед на тежината
Пр. Состојки: пилешки гради (45 %), сол, млечни протеини, изолат на соја протеин, зачини, стабилизатор: Е450, засилувач на вкус: мононатриум глутамат, декстроза, модифициран скроб, бои: Е160 c, вода, хидролизиран растителен протеин, пченкарно брашно, антиоксиданти: Е 301, Е 331
Означувањето е задолжително доколку производот содржи состојки по потекло од генетски модифицирани организми (ГМО). Сите овие состојки мора да се означат во листата на состојки како „генетски модифицирани“
Означувањето на состојките не се врши кај свежо овошје и зеленчук, газирана вода, потоа кај оцети, сирење, путер, млеко, павлака доколку се произведени од еден основен продукт и пијалаци кои содржат повеќе од 1,2 волуменски проценти на алкохол
Датумот на минималниот рок на траење е датумот до кој храната ги задржува своите специфични својства при правилно чување и складирање.
Рокот на траење не се означува кај пијалаци кои содржат повеќе од 10 волуменски % алкохол, оцет и сол
Производител, увозник /оператор со храна
Името и адресата на операторот со храна треба да бидат јасно означени на пакувањето така што потрошувачот ќе може да ги контактира доколку има некоја поплака или сака да добие некоја дополнителна информација
Означувањето на земјата од која потекнува производот е задолжително за одредени видови на храна, како на пример телешко или говедско месо, јајца, риба, мед, овошје и зеленчук. Доколку на производот има одредени слики, знамиња, места кои може да го доведат во заблуда потрошувачот, задолжително е означувањето на потеклото на производот
Упатство за употреба
Доколку е неопходно, на пакувањето треба да се означи начинот на подготовка на производот со цел да се овозможат информации за потрошувачот како соодветно да го подготви и употреби производот. (Пример: варење на супа, пржење на замрзнати пилешки прсти и сл.).
Упатство за чување и складирање
Етикетата на производот треба да содржи информации за специфичните услови на чување на производот со цел одржување на неговата безбедност и квалитет. (Пример, доколку производот е еднаш отворен, ако е неопходно на него треба да се означи „да се чува во фрижидер по отварањето“ или „да се чува на ладно и суво место“).
Нутритивни информации /информации за хранливата вредност
Овие информации се однесуваат на
- енергетска вредност и
- количествата на масти, заситени масти, јаглехидрати, шеќери, протеини и сол.
Во близина на местото на означувањето на нутритивната вредност, може да се истакне изјава со која се наведува дека содржината на сол која е наведена е исклучително резултат на природно присутен натриум.
Пр. Мешавина на какао и млечен крем произво
Нутритивни информации | На 100 g производ |
---|---|
Енергија | 2262 KJ (542 kcal) |
Протеини | 3,2 g |
Јаглехидрати | 57,6 g |
Масти | 33,2 g |
Нутритивни и здравствени тврдења
Нутритивните тврдења се однесуваат на одредени хранливи состојки кои ги содржи производот и укажуваат на неговата енергетска вредност (протеини, масти, јаглехидрати, влакна, витамини, минерали)
Пример за нутритивни тврдења:
- Не содржи шеќер
- Мало количество масноти
- Извор на протеин
Здравствено тврдење претставува секое тврдење кое укажува дека постои однос меѓу прехранбениот производ и здравјето на луѓето.
Примери за здравствени тврдења:
- Витаминот Ц ја зголемува апсорпцијата на железо
- Калциум допринесува за нормална функција на мускулите
Нутритивните и здравствените тврдења се означуваат на производот само доколку се научно докажани!