Кампања за подигнување на јавната свест за благосостојба на животни

Благосостојба при транспорт

Заштита и благосостојба на животните за време на превоз

Забрането е превезување или принуда на животни на превоз кој може да предизвика нивна повреда или страдање.

 

За време на превозот на животни, треба да бидат исполнети следниве услови:

  1. да се направени сите неопходни подготовки, со цел да се намали времетраењето на патувањето и да се задоволат потребите на животните за време на патувањето
  2. животните да бидат подготвени за патување
  3. средствата за превоз треба да бидат соодветно конструирани, одржувани и управувани, на начин да се избегне повреда, страдање, како и да се осигури нивната безбедност
  4. опремата и просторот за натовар и истовар да е соодветно конструиран и одржуван, на начин да се избегне повреда и страдање, како и да се осигури нивната безбедност
  5. лицата кои постапуваат со животните да имаат вештини и знаења од областа на заштита и благосостојба за време на превоз и да ги извршуваат своите обврски без употреба на сила или кој било друг метод со кој се предизвикува непотребно страв, болка, страдање или повреда на животните
  6. превозот до местото на истовар да се извршува без застој, така што условите за благосостојба на животните редовно се проверувани и соодветно одржувани
  7. за животните да е обезбедена доволна подна површина и висина, соодветна на нивната големина и намена на превозот и
  8. животните да се понудуваат со вода, храна и одмор во соодветни интервали и со соодветен квалитет и квантитет според нивниот вид и големина

Секој возач или надзорник на патувањето на животните во комерцијални цели треба да има валидно Уверение за компетентност.

Уверението за компетентност го издава Факултетот за ветеринарна медицина Скопје  кој е овластен субјект од Агенцијата за храна и ветеринарство. Се поднесува барање во архивата на Факултетот за ветеринарна медицина Скопје. Предвидена е обука и полагање на испит. Одобрението е со важност од 5 години.

Адреса на факултетот за ветеринарна медицина: ул. “Лазар Поп Трајков” 5-7, Скопје-населба Автокоманда.

Повеќе информации може да се добијат на веб страницата на Факултетот за ветеринарна медицина-Скопје: www.fvm.ukim.edu.mk или на телефонскиот број: + 389 2 3240 700 локал 761. раководител на центарот за благосостојба на животните е Проф д-р Влатко Илиески.

Лицата кои вршат превоз на животни во комерцијални цели на дестинации подолги од 65 километри а времето на превозот не надминува 8 часа треба да бидат одобрени како превозници за КРАТКИ ПАТУВАЊА од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Лицата кои вршат превоз на животни во комерцијални цели кога времето на превозот надминува 8 часа треба да бидат одобрени како превозници за ДОЛГИ ПАТУВАЊА од Агенцијата за храна и ветеринарство. Во овој случај и превозното средство треба да е одобрено од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Лицата кои вршат превоз на своите животни во свои превозни средства на дестинации до 50 километри во еден правец не треба да имаат одобрение за превозник издадено од Агенцијата за храна и ветеринарство ниту да имаат валидно Уверение за компетентност за возач или надзорник на патувањето.

 

 

Издавање на одобрение за превозници кои вршат превоз на животни за кратки патувања

(комерцијални превозници за кратки патувања-превоз на животни на дестинации подолги од 65 километри во еден правец, а времетраењето на патувањето е пократко од 8 часа)

Барањето за одобрение на превозник за кратки патувања се поднесува во архивата на Агенцијата за храна и ветеринарство со назнака до Сектор за здравствена заштита и благосостојба на животните (адреса: Трета Македонска Бригада бр. 20, 1000 Скопје).

 

 

Барање за издавање на одобрение за превозници кои вршат превоз на животни за кратки патувања

Кон барањето превозниците треба да ја достават и следната документација:

  • тековна состојба од централен регистар на Република Македонија не постар од шест месеци
  • уплатница за административна такса во износ од 50,00 денари согласно законот за административни такси
  • уплатница за издавање на одобрение на превозници на животни во износ од 1.500,00 (илјада и петстотини денари) согласно одлуката за висина на надоместоците за активности на заштита и благосостојба на животните како и начин на нивна наплата (службен весник на Република Македонија, бр.112/18)
  • важечко уверение за компетентност на возачот и надорникот на патувањето (го издава овластен субјект од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство-центарот за благосостојба на животните при Факултетот за ветеринарна медицина Скопје)
  • кратки пишани стандардно оперативни процедури во поглед на заштита и благосостојба на животните
  • доказ за сопственост или договор за изнајмување на превозните средства и нивна идентификација (валидна сообраќајна дозвола) и
  • список на превозни средства и опрема со кратки главни технолошко- технички карактеристики.

Превозното средство за кратки патувања ќе биде контролирано од страна на официјален ветеринар.

Превозниците кои вршат превоз на живи животни за кратки патувања треба да поседуваат најмалку едно превозно средство и имаат најмалку еден возач или надзорник на патувањето со валидно уверение за компетентност.

 

 

Издавање на одобрение за превозници кои вршат превоз на животни за долги патувања

(времетраењето на патувањето е подолго од 8 часа)

Барањето за одобрение на превозник за долги патувања се поднесува во архивата на Агенцијата за храна и ветеринарство со назнака до Сектор за здравствена заштита и благосостојба на животните (адреса: Трета Македонска Бригада бр. 20, 1000 Скопје).

 

 

Барање за издавање на одобрение за превозници кои вршат превоз на животни за долги патувања

Кон барањето превозниците треба да ја достават и следнава документација:

  • тековна состојба од централен регистар на Република Македонија не постар од шест месеци
  • уплатница за административна такса во износ од 50,00 денари согласно законот за административни такси
  • уплатница за издавање на одобрение на превозници на животни во износ од 1.500,00 (илјада и петстотини денари) согласно одлуката за висина на надоместоците за активности на заштита и благосостојба на животните како и начин на нивна наплата (службен весник на република македонија, бр.112/18)
  • приказ на организацијата на работата и биланс на работна сила
  • важечко уверение за компетентност на возачот и надзорникот на патувањето (го издава овластен субјект од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство-Центарот за благосостојба на животните при Факултетот за ветеринарна медицина скопје)
  • сертификат (одобрение) за превозното средство
  • пишани стандардни оперативни процедури во поглед на заштита и благосостојба на животните;
  • пишани планови за итни и вонредни мерки и
  • список на превозни средства и опрема со главни технолошко- технички карактеристики вклучувајќи го навигацискиот систем.

Комерцијалните превозници за долги патувања, покрај одобрението за превозници за долги патувања, неопходно е да поседуваат и одобрение и за превозното средство (сертификат за средството за превоз на животни за долги патувања), документи кои ги издава агенцијата за храна и ветеринарство, врз основа на контрола на документација и извршена контрола на самото превозно средство од страна на комисија од агенцијата за храна и ветеринарство. превозниците кои вршат превоз на живи животни за долги патувања треба да поседуваат најмалку едно превозно средство кое е одобрено за превоз на животни за долги патувања и имаат најмалку еден возач или надзорник на патувањето со валидно уверение за компетентност.

 

 

Издавање на сертификат за средството за превоз на животни за долги патувања

Барањето за издавање Сертификат за средството за превоз на животни за долги патувања се поднесува во архивата на Агенцијата за храна и ветеринарство со назнака до Сектор за здравствена заштита и благосостојба на животните (адреса: Трета Македонска Бригада бр. 20, 1000 Скопје).

 

 

Барање за сертификат за превозно средство за животни за долги патувања

Кон барањето превозниците треба да ја достават и следнава документација:

  • тековна состојба од централен регистар на Република Македонија не постар од шест месеци
  • уплатница за административна такса во износ од 50,00 денари согласно законот за административни такси
  • уплатница за издавање на сертификат за превозно средство во износ од 10.000,00 (десет илјади денари) согласно одлуката за висина на надоместоците за активности на заштита и благосостојба на животните како и начин на нивна наплата (службен весник на Република Македонија, бр.112/18)
  • доказ дека превозните средства не се предмет на барање поднесено до или одобрено од друг надлежен орган од друга држава
  • список на превозни средства и доказ за сопственост или договор за изнајмување на превозни средства и нивна идентификација (валидна сообраќајна дозвола) и
  • список на опрема и превозни средства со главни технолошко- технички спецификации.