Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 2500 денари

Интервју за Вечер: Внимавајте каде и што купувате, во туристичките центри уништивме 200 килограми храна!

03.08.2023
slide

Со оглед на топлото време, дали има инспекциски контроли во маркетите и на зелените пазари, каде што сè почесто може да се сретнат производи што не треба да се продаваат на тезги (јајца, млеко во пластични шишиња…)?

Со цел спречување евентуално труење со храна во услови на високи температури, Агенцијата за храна и ветеринарство на почетокот од летото ги засили инспекциските контроли на целата територија на државава. Акцентот е ставен на туристичките центри, каде што концентрацијата на туристи е голема и каде што постои ризик, ако не се води доволно сметка за безбедноста на храната, да се случат и инциденти. За утврдените недоследности, кои се однесувале на неажурно водење на записите за добра хигиенска пракса, незавршени курсеви по хигиена, ненавремено преземање мерки за дезинфекција, дезинсекција и дератизација на објектите, ненавремено проверена здравствена состојба на вработените кај операторите со храна, несоодветно декларирање на храната, храна со поминат рок и слично, спроведени се над 27 илјади контроли од почетокот на годинава, заклучно со јуни и изречени се 1.850 мерки, од кои 179 парични казни, поднесени се 3 кривични и 21 прекршочна пријава. Изречени се и 552 едукации на операторите со храна.

 

Дали се вршат засилени инспекциски контроли во туристичките места за да се спречат евентуални проблеми со безбедноста на храната и појава на труење?

Инспекциските служби на Агенцијата и годинава спроведуваат засилени контроли на операторите со храна и во туристичките центри. Од аспект на заштита и спречување евентуална појава на труење, покрај во туристичките центри, се спроведуваат контроли и на местата каде што се одржуваат манифестации од отворен тип, а каде што се подготвува или послужува храна. Со вонредните контроли во туристичките центри во земјава, каде што има зголемена фреквенција на туристи во овој период, опфатени се хотелите, рестораните, пицериите, слаткарниците, бурекчилниците, пекарниците, сендвичарниците, ќебапчилниците, кафе-баровите, маркетите и други објекти. При спроведување на контролите од официјалните ветеринари и од инспекторите за храна, се става акцент на контролата на исполнувањето на предусловните програми на HACCP-системот за безбедност на храната, добра хигиенска и добра производствена пракса, потеклото на храната, начинот на чување, личната хигиена на вработените, хигиената на објектите, рокот на употреба на производите, запазувањето на ладниот синџир на чување и транспорт на храната и слично. Во периодот од 18 до 21 јули годинава, инспекциските служби на АХВ спроведоа и вонредни контроли во туристичките центри Охрид, Струга, Дојран и Преспа. Во четирите туристички центри, извршени се вкупно 68 вонредни контроли. Утврдените недоследности се однесуваат на лоша хигиена во објектите, замрзнување на производите и подготовките од месо како активност за која рестораните не се одобрени, неизвршени санитарни прегледи на вработените, неводење записи за добра производствена и хигиенска пракса, неспроведени мерки за дезинфекција, дезинсекција и дератизација, неозначени алергени на производите, за несоодветно и недекларирани производи, несоодветно одржување на разладните уреди и слично. Инспекторите за храна и официјалните ветеринари на АХВ издадоа 14 решенија за отстранување на утврдените недоследности. За операторите со храна, спроведени се и 11 мерки едукација, а изречени се и исто толкав број парични казни. Како небезбедни, уништени се приближно 200 килограми храна, најголем дел замрзнато месо, риба, месни преработки и друг вид храна.

 

Кои се препораките на АХВ во однос на храната, во однос на амбалажата, на рокот на употреба… особено кај лесно расипливите производи како млечните и сувомесните производи?

Основно е граѓаните да бидат одговорни и совесни потрошувачи. Храна, особено од животинско потекло, која е лесно расиплива, да купуваат единствено од одобрени/регистрирани оператори со храна, кои се под контрола на инспекциските служби на АХВ и кои имаат разладни уреди за нејзино чување. За да се спречи евентуална појава на труење со храна, да се направи правилен избор и набавка на храна, но и да се обезбедат соодветен транспорт и услови за чување. При купувањето, да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и за соодветното чување на храната. Да не се купува и да не се консумира храна со оштетена амбалажа, разладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето, а лесно расипливата храна како што се месото, млекото, јајцата и други производи, да не се чуваат долго време во автомобил и во други транспортни средства. Апелирам до граѓаните, никако да не купуваат разладена или замрзната лесно расиплива храна што се чува надвор од ладилник или замрзнувач. Секако, треба да се внимава и на температурата на чување на храната и на хигиената, која вклучува, освен лична хигиена, и темелно миење на овошјето, зеленчукот и на други производи пред да се консумираат, а термичка обработка за оние за кои е препорачано и задолжително тоа. За угостителските објекти, секогаш остануваат советот и апелот граѓаните да избираат оператори што водат сметка за хигиената и за безбедноста на храната и да имаат добра репутација.

 

Со оглед на тоа што брзо реагирате доколку се појави некој небезбеден производ на пазарот, дали може да констатираме дека храната што се увезува во државата е безбедна?

Генерално да, но секогаш постојат исклучоци. Затоа, покрај институциите, важни ни се и граѓаните. Нивниот аларм, за нас, е обврска за проверка. Затоа, за секоја недоследност во однос на безбедноста на храната, но и здравствената заштита и благосостојбата на животните, за кои алармираат тие, Агенцијата за храна и ветеринарство секогаш е отворена за потрошувачите. Секој сомнеж во поглед на овие прашања граѓаните може да го пријават лично во Агенцијата, на бесплатната телефонска линија за потрошувачите 0800 3 22 22 или на електронската пошта info@fva.gov.mk .

 

2

 

Со оглед на тоа дека неодамна имаше нов случај на свинска чума во државата, а болеста е проширена насекаде во регионот, кои мерки ги преземате за да ја ставите болеста под контрола? Дали остануваат на сила контролите на личниот багаж на граничните премини за да не се внесуваат производи од свинско месо?

Вирусот на африканска чума е болест што се пренесува само кај свињите, односно од неа заболува дивата и питомата популација. Овој вирус не е опасен за луѓето. Против болеста не постојат ни лек ни вакцина и затоа таа создава страшни економски, во некои случаи, дури и катастрофални загуби во свињарството. Како институција, АХВ е првиот браник во преземањето превентивни мерки и мерки за заштита и спречување на ширење на болеста. Мерките за контрола на ширење на болеста вклучуваат спроведување мониторинг на болеста кај дивите свињи што вклучува земање примероци од застрелани и најдени мртви диви свињи, потоа мониторинг на болеста кај домашните свињи. Во заразените подрачја, согласно со светските стандарди за справување со оваа болест, се воведува забрана за движење на животните од заразените подрачја, нештетно се убиваат сите свињи во заразеното и контактно одгледувалиште. Се забранува и лов во регионите каде што е потврдена болеста. Контролните мерки за проверка на личниот багаж на патниците при влез во земјава сè уште се на сила. Владата ја донесе оваа одлука на први февруари 2020 година.

 

Каква е состојбата со болестите кај животните и кои се препораките на АХВ за зачувување на здравјето на животните?

Освен африканска чума кај свињите, за среќа, засега немаме други големи епидемии. Сите други болести кај животните се под контрола и се преземаат мерки за нивна ерадикација, согласно со годишната наредба за здравствена заштита на животните, која Агенцијата за храна и ветеринарство ја носи секоја година.

Ознаки
Категорија